Голема разлика на висината на платите во министерствата со оние во регулаторните тела на исти работни позиции, утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во последната ревизија.
Според ревизорите, платите во министерствата за повеќе од 50% пониски од оние во регулаторните тела.
Само 26 од 36 институции исплаќаат додаток за прекувремена работа, а додаток за прилагодување на пазарот на труд не се исплаќа во ниту една институција.
Со ревизијата се опфатени платите и додатоците на плати на административните службеници за период од 2021 до 2023 година во 14 министерства и 22 институции.
Ревизорите констатирале и дека модулот за пресметка на плати се користи само од 29 институции, а модулот за управување со учинокот не се користи воопшто. Тие укажуваат да се преиспитаат законски утврдените рокови за одобрување на плановите за вработување, како и да се усогласи Законот за административни службеници со Општиот колективен договор за јавниот сектор во делот на начинот на утврдување на платата.
Има и голема разлика во учеството на расходите за плати во вкупните буџети. Кај некои институции тие се многу значајна ставка во нивните буџети, односно учеството во вкупните буџети е различно и се движи од 1% во министерствата за здравство и за труд и социјална политика до повеќе од 72% во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и Управата за финансиска полиција.
„Дополнително истакнуваме дека вака утврдениот процент на учество на расходите за плати во вкупниот буџет е повисок, бидејќи во анализата не се содржани расходите за плата на привремено вработените лица од причина што тие не се исплаќаат од ставката плати, а во рамки на ставката стоки и услуги од каде истите се исплаќаат, нема посебни податоци за овие расходи“, се наведува во извештајот.
Најниски плати, според ревизорите, се исплаќаат во министерствата, а највисоки во регулароните тела: Комисија за хартии од вредност, Регулаторна комисија за енергетика и Агенција за аудио и аудиовизуелни услуги.
Кај државен советник – разликата се движи од 69.000 денари до 108.000 денари, односно кај министерствата платата на државните советници е за 37% помала во однос на највисоката плата за исто ниво во другите институции.
Кај раководител на сектор – разликата се движи од 67.000 денари до 125.000 денари во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, односно кај министерствата платата на раководителите на сектор е за 46% помала во однос на највисоката плата за исто ниво во другите институции.
Кај помошник раководител на сектор – разликата се движи од 59.000 денари во министерствата до 110.000 денари во АВМУ, односно кај министерствата платата на раководителите на сектор е за 46% помала во однос на највисоката плата за исто ниво во другите институции.
Кај раководител на одделение – разликата се движи од 53.000 денари до 100.000 денари, односно кај министерствата платата на раководителите на сектор е за 47% помала во однос на највисоката плата за исто ниво во другите институции.
Кај советник – разликата се движи од 47.000 денари до 85.000 денари, односно кај министерствата платата на раководителите на сектор е за 45% помала во однос на највисоката плата за исто ниво во другите институции.
Речиси исти разлики има и кај другите категории работници.
Ревизијата направи анализа на исплатената плата во септември 2023 година на работното место Раководител на сектор во 18 буџетски корисници и утврди дека во рамките на една институција за исто работно место се исплаќа различен износ на нето плата по вработени, поради додатоците за плати кои се исплаќаат.
Имено во Министерството за финансии нето платата која е исплатена по лица на работното место раководител на сектор се движи од 61.000 до 74.000 денари, додека во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците нето платата се движи од 63.000 до 66.000 денари.
Во Министерството за правда нето платата се движи од 53.000 до 64.000 денари, додека во Министерството за информатичко општество и администрација нето платата се движи од 47.000 до 73.000 денари.
И во Управата за финансиска полиција поради исплата на додатоци на плата постои разлика во нето платата која се исплаќа по вработени и се движи од 69.000 до 80.000 денари, додека пак во Управата за јавни приходи исплатената нето плата по лица се движи од 64.000 до 69.000 денари.
Во Собранието нето платата се движи од 58.000 до 74.000 денари.
Царинската управа со платата за октомври 2023 година започна со исплата на додаток на плата од 30% предвиден во Колективниот договор на Царинската управа.
Иако Законот за исплата на платите овозможува месечно зголемување до 50% од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, со ревизијата е утврдено дека во период од 2021 до 2023 година и покрај тоа што стапката на трошоците за живот е зголемена од 0,1 до 2,8%, не е извршено месечно зголемување на платите од 50% од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, во рамките на обезбедените средства.
Исто така, констатирано е дека иако законската рамка дозволува исплата на додатоци за прекувремена работа и прилагодување кон пазарот на труд, додатокот за прекувремена работа се исплаќа во само 26 од 36 институции, додека додатокот за прилагодување на пазарот на труд не се исплаќа во ниту една институција.
Ова, истакнува ДЗР, уште повеќе создава разлики висината на платите меѓу административните службеници и упатува на потреба за хармонизација на исплатата на додатоците, како што е предвидено во законската регулатива.
Ревизијата истакнува дека во јули 2023 година донесен е Општ колективен договор за јавниот сектор, во кој пресметката на бруто плата е утврдена како производ од просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место со примена од 01.03.2025 година.
„Имајќи предвид дека во новиот Предлог закон за административни службеници што е во собраниска процедура каде начинот на пресметка на плата е уреден на друг начин, преку бодови, односно основната плата се состои од дел на плата за степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж, а вредноста на бодот се утврдува секоја година од страна на Владата, укажуваме дека постои потреба од усогласување на законот со Општиот колективен договор за јавниот сектор во делот на начинот на утврдување на платата“, наведува ДЗР.
Ревизорите констатираат дека Владата продолжува со реорганизација на јавните институции и засилување на нивниот капацитет заради воспоставување унифициран и кохерентен систем на плати во јавниот сектор, преку изработка на стратегии за реформа на јавната администрација и нови законски предлози, но од страна на Собранието не се донесени.
„Со извршената ревизија на информациониот систем за управување со човечки ресурси во јавниот сектор воспоставен во МИОА, се утврди дека модулот за пресметка на плати се користи само од 29 институции, додека модулот за управување со учинокот не се користи воопшто. Ваквата состојба ја доведува во прашање оправданоста на набавката и одржувањето на системот, како и ефикасноста на планирање на развојот и унапредувањето на вработените во јавниот сектор, а со тоа и на платите во јавниот сектор“, наведува ДЗР.
Во однос на плановите за вработување со кои институциите ги планираат потребните годишни вработувања констатирано е дека не се донесени во законски утврдените рокови, што влијае на степенот на реализација на вработувањата. Во 2021 година реализирани се само 19,5% од вкупно планираните вработувања, додека во 2022 година реализирани се само 16%.
Извршената анализа на вработувањата во опфатените 36 институции покажала дека планирањето на нови вработувања е фокусирано на неопределено време, а не и за вработувања на определено време и привремените вработувања преку агенции за привремени вработувања. Во периодот од 2021 до септември 2023 година, во овие институции биле вработени вкупно 3.384 лица, од кои 1.012 на неопределено време, 468 на определено време, 1.424 привремено и 480 преземени од други органи.
ДЗР укажува дека ваквите состојби создаваат ризик од ненавремена и нецелосна реализација на целите и надлежностите на институциите во државата, поради што ревизијата е на мислење дека постои потреба од преиспитување на законски утврдените рокови за одобрување на плановите за вработување.