Вработените во образованието овој месец ќе ја земат октомвриската плата повисока за 5%, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
– Да, од овој месец треба платата во основното и во средното образование да биде повисока за 5%. Во април 2025 година, практично со мартовската плата, ќе има зголемување за дополнителни 7%. Во април 2026 година, од 7 ипол до 10 %, во зависност од кондицијата на буџетот – рече Мицкоски.
Тој повтори дека зголемувањето на платата во образованието ќе продолжи до 2028 година.
– Во април ќе има покачување за март 2027 година, повторно 7 ипол до 10% и веќе април 2028 за март 2028 година – од 10 до 12 ипол проценти. Така што, минимум во овој временски дијапазон, платата во образованието ќе биде просечно зголемена за 46%, а максимум до 60%. Така што мислиме дека навистина ќе дојдеме до едно пристојно ниво – рече тој.
И покрај ваквото зголемување на платите во образованието, премиерот смета дека тие не се доволно високи, но, како што рече, ова зголемување е во рамки на можностите.
– Бидејќи во моментот, ако просечната плата во државата е повеќе од 41.000 денари, во образованието е 9.000 денари помалку, околу 32.000 денари – рече Мицкоски.