Во вторникот во Дизелдорф почна судењето на седуммина осомничени членови на терористичката организација Исламска држава, обвинети, меѓу другото, и за планирање терористички напади во Германија.
„По почетокот на војната во Украина, седуммината обвинети пристигнаа во Германија, каде основаа терористичка ќелија под покровителство на Исламската држава“, се вели во обвинението на Вишото државно обвинителство.
Според обвинението, обвинетите истражувале можни цели на терористички напади „во Германија и на други места во Западна Европа“. Во исто време, не беа пронајдени индиции за конкретни планови за напад.
Обвинетите, на возраст меѓу 21 и 47 години, се пет Таџикистанци, еден Киргистан и еден Туркмен, кои беа уапсени пред една година.
Во последниве години во Германија редовно се откриваат лица кои биле членови на различни терористички групи, пред се на Исламската држава. Огромното мнозинство од уапсените се Сиријци.