*Две кривични пријави за директорката на охридската кардиологија поради одмазда кон вработен специјалист
*Кој си игра со животите на луѓето со срцеви проблеми во Охрид?
*Специјалист по интервентна кардиологија кој барал што му следува по закон, под казна прераспределен на друго работно место
————
Специјалистот по интервентна кардиологија Др.Виолета Мојсовска од кардиолошката болница во Охрид била прераспределена на друго работно место несоодветно за нејзината специјализација еден ден откако по судски пат побарала исплата на надомест за одвоен живот кој и следува законски, а кој не и бил исплатен за 5 години специјализација на интервентна кардиологија.
Мојсоска била на специјализација за интервентна кардиологија (стентирање итн.) во периодот од 2017 до 2022 година, за што и следува надоместок за одвоен живот, кој во Македонија редовно им доцни на сите специјализанти, не се плаќа со години и на крај редовно завршува со тужење на клиниките од страна на специјализантите, после што истите по судски пат го исплаќаат во сума која е многу поголема поради судските трошоци во постапката – односно поради ненавременото исплаќање на надоместокот за одвоен живот, на крај буџетот е оптоварен и со дополнителни трошоци.
Во конкретниот случај, откако со години на Д-р Мојсовска не и бил исплаќан надомест за одвоен живот, истата со писмен поднесок побарала да се произнесе кардиолошката болница во Охрид за нејзиното барање. Но, наместо болницата да се погрижи за извршување на законски определените обврски кон младиот специјалист за интервентна кардиологија, утредента ја прераспределиле на друго работно место – во одделот за аритмии и електрофизиологија, кое е на неколку нивоа под специјалноста на Д-р Мојсовска.
Според нашите извори оваа постапка е изведена спротивно на одредбите од Законот за работни односи, Законот за здравствена заштита и Колективниот договор, без спроведена постапка за селекција и избор, со решение кое се чини дека е донесено „под казна“ за Мојсовска, само затоа што го побарала она што по закон и’ следува.
Поради сето ова против директорката на кардиолошката болница во Охрид Елена Коваческа-Башуровска се поднесени две кривични пријави за малтретирање во вршење на служба, злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење со службата.
Од правниот тим на Д-р Мојсовска наведуваат дека со злоупотреба на своите службени овластувања, во незаконска постапка и прераспределување, направила ненадоместлива штета на здравствената установа отстранувајќи од специјалноста еден млад докторант кој е посветен на интервентанта кардиологија, само поради што си го побарал своето загарнтирано право од работен однос.
Д-р Мојсовска после специјализацијата на интервентна кардиологија во моментов работи на својот докторат кој очекува да го заврши годинава. Во ситуација кога државата има недостиг на специјалисти кои заминуваат или во приватните клиники или во странство, незамислив е ваквиот однос на јавна здравствена установа кон своите вработени.