Нина Боровиќ Кобиљски, мајка на девојче кое било убиено во масакрот што го изврши Коста К. на 3 мај во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, објави потресно писмо во кое им се обраќа на родителите на момчето (13) кое признало дека пукало. Во писмото таа изнесува детали кои досега не биле познати во јавноста.
Писмото на мајката го пренесуваме во целост:
„До родителите на нелекуваното момче:
… ако некогаш нè побарате и посакате да кажете: ‘Ве молиме простете, не сме знаеле подобро и многу ни е жал… ‘ Знаете, ние веќе во овоземска правда не веруваме… но се трудиме да продолжиме да веруваме во човечност и во вистинa… Верувам дека ви е добро познат фактот дека нашето одделение VII 2 беше едно исклучително одделение, не затоа што беше составено од одлични ученици, туку затоа што тоа беа добри деца и добри пријатели едни на други. Тие на училиште одеа насмеани и се враќаа задоволни.
Се сеќавате дека децата беа заедно на јазичен камп во Франција… па добивавме нивни видео снимки како пеат покрај камин, играат на тематски вечери и одат на излети… знаете и дека сите заедно играа карти и се смееја во собите до доцна во ноќ.
Како не би знаеле, кога полни со благодарност му се јавивте на класниот и се заблагодарувавте што вашиот син е толку убаво прифатен од другарите во новото одделение во кое сте избрале да го префрлите. Им беше преубаво, но и истовремено чудно зошто едно дете сите седум дена спие склопчено на фотелја, наместо во кревет, иако на располагање имал цела двокреветна соба?!
Дали знаете дека на тоа дете му била неопходна помош и од вас родителите и од стручните лица? Трагедијата која нè погоди е толку страшна, болна и несфатлива, што секојдневно се бориме за здив. Мисли кои доживотно ќе нè мачат се: Зошто не сте му помогнале?! Зошто сте го обучувале во стрелиште и кај него сте развивале и негувале толку страшни вештини за пукање и убивање, додека ние нашите деца ги носевме на часови по уметност и спорт?!
Ако не сте биле свесни за својата улога во незапамтената трагедија од 3. мај 2023. година, тогаш би морале да се освестите и да сфатите дека за жал овде се соочуваме со трагедија по трагедија која добива светски размери. Јасно ни е дека јавното мислење бара некоја смисла – причина со цел ваквото злосторство на некој начин да се образложи и сфати како дошло до него.
Да се разбереме, врсничкото насилство е круцијална тема на денешното доба на која мора да се посвети најголемо внимание и грижа да се спречи. Но во оваа трагедија тоа не се случи, ниту би смееле да се залажувате и да се криете зад невистината.
Се извинувам, се случи на најпогубниот можен начин, но од страна на вашето дете кон нашите деца.
Дали сте свесни за фактот дека преживеаните и ранетите добиваат закани по живот од целиот свет зашто ’некој ќе го заврши тоа што е почнато‘, со болно убедување за задоволување на правдата на ’малтретираното‘ момче. Вие добро знаете дека децата од VII 2 наивно го прифатија, му пружија рака на пријателство и тоа е сè што нивните златни срца можеа да направат… сè друго било на вас кои сте одговорни за него и на стручните служби кои морале да задржат објективност тогаш кога ќе настапи родителската слабост.
Знаете, 21. век е за жал, век без срам… не би требало во овој век да е срамота да се побара сета стручна расположлива помош на денешницата. Кога повторно ќе ве прашаат, размислете дали ќе повторите: ’Не сум виновен‘ или ќе речете: згрешивме, не знаевме подобро …
Тогаш можеби не сте знаеле, но сега болната вистина е зад сите нас и ви требало да можете подобро… макар да кажете: ’Простете, многу ни е жал, вашите деца не се виновни за ништо!‘ Овде не е во прашање само лична трагедија, туку колективна трагедија на едно општество зашто настрадаа исклучителни деца кои беа на вистинскиот пат да станат сјајни луѓе и кои со несудените сопствени семејства би требало да бидат залог на ова општество.
И натаму се молиме за спас на вашите души, но без признавање, нема покајување“.