Градоначалникот Кирил Пецаков, денес беше во посета на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ којшто периодов со финансиска поддршка на локалната власт доби нова најсовремена oпрема која го олеснува воспитно образовниот процес, а на учениците им овозможува пристап до информации.
По распишан тендер и јавна набавка со средства од Општина Охрид, училницата по информатика се опреми со 25 нови компјутери со високи перформанси. Вредноста на инвестицијата е 580.000 денари.
Во четиринаесет училници се монтирани смарт табли со озвучување во вредност од 1.200.000 денари, а набавени се и 180 училишни клупи и столови за кои општината издвои 2. 900.000 денари.
Локалната самоуправа заедно со МОН и поддршка на ЕУ обезбедија лифт и тоалети за лица со посебни потреби кои веќе се ставени во употреба. Вкупната вредност на проектот е 6.000.000 денари.
Пред градоначалникот Кирил Пецаков се претставија и учениците кои со апликацијата TrashPinger го освоија првото место на натпреварот GreenTech Entrepreneurship Challenge во кој беа вклучени пет средни стручни училишта од Република Македонија. Исто така градоначалникот беше запознаен и со промоцијата на петтата генерација на ученици кои се запишаа во паралелките со дуално образование, а која се одржа во рамките на SUBEX 2022 во Скопје. При тоа беше истакнато дека бројот на запишани деца годинава е четириесет и два и радува фактот што овој број од година во година расте, а тројца ученици од првата генерација веќе се вработени во „КОСТАЛ“. Од седумнаесетте ученици од првата завршена генерација десетмина добија меѓународен сертификат, Техничар за индустриска мехатроника.