Пратеникот во бугарското Народно собрание, Станислав Балабанов од партијата Има таков народ која реши да излезе од бугарската влада, во емисијата „Лице в лице“ на БТВ покажа рачно напишан план за тргање на ветото и европската интеграција на Македонија.
Балабанов тврди дека станува збор за ракопис на Кирил Петков и тврди дека премиерот го „нацртал“ за време на нивното заедничко патување со воз за Киев.
Коментирајќи го наводниот план на Петков, пратеникот вели дека е безобразно што прво се планира укинување на ветото, а потоа на ред доаѓа исполнувањето на обврските на Македонија.
– Подготвен сум да седнам на детектор за лаги во врска со оваа белешка, а во Бугарија има и добри графолошки експерти кои можат да докажат дека овој ракопис е на премиерот – вели Балабанов.
Пратеникот вели дена не може да молчи за ова, особено откако пред еден месец добил ќерка.
– Поради неа не можам да молчам, не е убаво и не е морално, затоа што ќе го воспитувам ова дете … Особено кога е во прашање историјата на Бугарија. Очигледно имаме проблем што никој во историјата нема да ни го прости – вели Балабанов.