Анализа на Би-Би-Си открива детали за тоа како бил подготвуван нападот на Израел и како се создал бруталниот сојуз меѓу милитантите на Хамас и други вооружени палестински групи во текот на подготовките кои пред три години се интензивирале.
Пет вооружени палестински групи му се придружиле на Хамас во смртоносниот напад врз Израел на 7 октомври, и тоа откако спроведувале повеќе заеднички воени вежби од 2020 година. Овие групи спровеле заеднички вежби во Газа, многу слични на тактиката користена за време на смртоносниот напад на 7 октомври. Вежбите дури се одржувани на помалку од еден километар од границата кон Израел и сè било објавено на социјалните мрежи.
За време на овие вежби, од кои последната се одржала само 25 дена пред нападот, се вежбало земање заложници, напади на згради и пробивање на израелската одбрана – открива анализата на Би-Би-Си.
BBC Arabic и BBC Verify собраа докази кои покажуваат дека Хамас ги обединил фракциите во Газа за да ги усовршат нивните борбени методи и на крајот да започнат напад врз Израел што го втурна регионот во војна.
Како што се наведува, сѐ почнало на 29 декември 2020 година кога лидерот на Хамас Исмаил Ханије ја објави првата од четирите вежби со кодно име Силен столб (Strong Pillar) како силна порака и знак на единство меѓу различните вооружени фракции во Газа.
Како најмоќна вооружена група во Газа, Хамас собрал 10 други палестински фракции во воени вежби надгледувани од „заеднички оперативен центар“. Структура за координација на вооружените фракции во Газа под централна команда била формирана во 2018 година.
Пред 2018 година, Хамас официјално ги координирал своите акции со палестинскиот Исламски џихад, втората по големина вооружена фракција во Газа и – како Хамас – забранета терористичка организација во повеќе земји.
Хамас, исто така, се бореше заедно со други групи во претходните конфликти, но вежбата во 2020 година е претставена како доказ дека бројни групи се обедининети. Лидерот на Хамас истакна дека првата вежба ја одразува континуираната подготвеност на вооружените фракции.
Вежбата во 2020 година била прва од четирите заеднички вежби одржани во текот на три години, од кои секоја е документирана во уредени видеа објавени на јавните канали на социјалните медиуми.
Би-Би-Си визуелно идентификуваше 10 групи, вклучувајќи го и Палестинскиот исламски џихад, според нивните карактеристични ленти за глава и амблеми.
По нападот на 7 октомври, петте групи продолжуваат да објавуваат видео снимки кои наводно ја покажуваат нивната вмешаност во нападот. Три други групи објавија писмени изјави на Телеграм, тврдејќи дека и тие учествувале во нападот. Улогата на овие групи се најде во фокусот додека се зголемува притисокот врз Хамас да лоцира десетици жени и деца за кои се верува дека на 7 октомври биле однесени во заробеништво од Израел во Газа од страна на други фракции.
Три групи – Палестинскиот исламски џихад, Бригадите на муџахедините и Бригадите Ал-Насер Салах ал-Дин – тврдат дека заробиле израелските заложници тој ден.
Многу извори велат дека напорите за продолжување на привремениот прекин на огнот во Газа зависи од тоа дали Хамас ќе ги лоцира заложниците. Иако овие групи се извлечени од широк идеолошки спектар, од тврдокорни исламисти до релативно секуларни, сите тие споделуваа подготвеност да користат насилство против Израел, посочува Би-Би-Си.
Изјавите на Хамас постојано го нагласуваа единството меѓу различните вооружени групи во Газа. Хамас посочи дека тие се рамноправни партнери во заедничките вежби, но продолжија да играат водечка улога во плановите за напад на Израел.
На снимката од првата вежба се гледаат маскирани команданти во бункер кои ја водат вежбата, која започнува со испалување на ракетен оган. На камерата потоа се гледаат тешко вооружени борци како напаѓаат модел на тенк означен со израелско знаме, фаќајќи член на екипажот и го одвлекуваат како заробеник. На снимката се гледаат и напади врз згради.
Од снимките и од застрашувачките изјави на сведоци се знае дека две тактики биле користени за фаќање војници и напад врз цивили на 7 октомври, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, а околу 240 заложници беа земени, потсетува Би-Би-Си.
Втората вежба „Strong Pillar“ одржана е точно една година подоцна, а целта била да се потврди единството на фракциите на отпорот. Ајман Нофал, командант на бригадите Изедин ал-Касам – официјалното име за вооруженото крило на Хамас вели дека вежбите „ќе му покажат на непријателот дека ѕидовите и инженерските бариери на границите на Газа нема да ги заштитат“.
За вежбите се известуваше и во Израел, па незамисливо е тие да не биле внимателно следени од разузнавачките агенции на земјата. Израелските одбранбени сили (ИДФ) веќе изведоа воздушни напади за да ги попречат активностите за обука на Хамас. Во април 2023 година, тие го бомбардираа местото на првата вежба „Силен столб“.
Неколку недели пред нападот, војниците задолжени за надзор во близина на границата со Газа, наводно, предупредиле на невообичаено висока активност на беспилотни летала, како и дека Хамас тренира заземање набљудувачки пунктови преку реплики на нивните позиции. Но, според извештаите во израелските медиуми, нивните предупредувања биле игнорирани.
Хамас се погрижил вежбите да бидат реални. Во 2022 година, неговите борци вежбале напад врз лажна израелска воена база изградена на само 2,6 километри од преминот Ерез под контрола на ИДФ меѓу Газа и Израел.
На 10 септември 2023 година, таканаречениот центар на заеднички комитет објави на својот наменски канал на Телеграм фотографии од мажи во воени униформи кои ги надгледуваат воените инсталации долж бариерата во Газа. Два дена подоцна одржана е четвртата воена вежба „Силен столб“ и до 7 октомври биле извежбани сите тактики што требало да се употребат во нападот.
Борците се снимени како возат со истите бели пикап камиони Тојота што беа видени како возат низ јужен Израел следниот месец.
Пропагандното видео покажува вооружени лица кои упаѓаат во лажни згради и пукаат во лажни цели внатре, како и тренираат да упаднат на плажа користејќи чамци и нуркачи. Израел соопшти дека го одвратил обидот за закотвување на бродови на Хамас на неговите брегови на 7 октомври.
Меѓутоа, Хамас не ја објави својата обука за мотоцикли и параглајдери за време на вежбата „Силен столб“. Видеото од вежбата објавено од Хамас три дена по 7 октомври покажува уривање на огради и бариери за да се овозможи поминување на мотоциклите, тактика што напаѓачите ја користеа за да стигнат до заедниците во јужен Израел.
Снимките од борците кои користат параглајдерска опрема, исто така, не беа објавени до нападот на 7 октомври. На видеото од вежбата споделено на денот на нападот, вооружени лица се гледаат како слетуваат на пистата на лажен кибуц, кој според Би-Би-Си се наоѓа северно од Рафа во јужна Газа.
BBC Verify верува дека ова е снимено некаде пред 25 август 2022 година и е зачувано во компјутерска датотека наречена Eagle Squadron, името што Хамас го користи за својата воздушна дивизија – што сугерира дека плановите за параглајдеристите биле во тек повеќе од една година.
Пред 7 октомври, се сметаше дека Хамас има околу 30.000 борци во Појасот Газа. Исто така, се сметаше дека Хамас може да привлече неколку илјади борци од помали групи. Хамас е убедливо најмоќната од палестинските вооружени групи, дури и без поддршка од други фракции – што сугерира дека нивниот интерес за вклучување на фракции е поттикнат од обидот да обезбеди широка поддршка во Газа, како и да ја зајакне сопствената бројност.
ИДФ претходно процени дека 1.500 борци се приклучиле на нападите на 7 октомври. „Тајмс оф Израел“ на почетокот на ноември објави дека ИДФ сега верува дека бројот на напаѓачи е поблиску до 3.000. Без оглед на вистинската бројка, тоа значи дека учествувале само релативно мал дел од вкупниот број вооружени оперативци во Газа. Не може да се потврди колку борци од помалите групи учествувале во нападот или во вежбите „Силен столб“.
Хишам Џабер, поранешен бригаден генерал во либанската армија, кој сега е безбедносен аналитичар во Центарот за студии и истражувања на Блискиот Исток, верува дека само Хамас бил свесен за конечниот план и дека Хамас веројатно побарал од другите фракции да се приклучат тој ден.
-Имаше централизирано планирање, но извршувањето беше децентрализирано, секоја поединечна единица и група го операционализираа планот како што им одговара – изјави за Би-Би-Си, Андреас Криг, виш предавач по безбедносни студии на Кингс колеџот во Лондон.
Криг вели дека разговарал со луѓе во Хамас кои биле изненадени од слабоста на одбраната на Израел и процениле дека милитантите најверојатно ја заобиколиле израелската технологија за надзор, комуницирајќи вон мрежата.
На прашањето за деталите претставени во овој напис, израелските одбранбени сили рекоа дека тие „во моментов се фокусирани на елиминирање на заканата од терористичката организација Хамас“ и дека прашањата за евентуалните неуспеси ќе бидат „разгледани во подоцнежна фаза“.
Може да поминат неколку години пред Израел официјално да објави дали пропуштил можност да го спречи масакрот на 7 октомври. Последиците за војската, разузнавањето и владата на Израел може да бидат сеизмички, заклучува Би-Би-Си во анализата на конфликтот во Израел.