Пензионери од повеќе градови од земјава денеска, на Меѓународниот ден на пензионерите – 20 Септември, протеститарат пред зградата на Владата. Поради протестот затворен е за сообраќај булеварот „Илинден“.
Барањата на пензионерите се линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари за секој пензионер, а не процентуално согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и промена на методологијата за пресметка на пензиите.
– Остануваме на барањето сите пензии да се зголемат линеарно за 3.500 денари. Потоа да се изврши нивелирање со кое минималната пензија ќе биде барем 45 отосто од просечната нето плата. Ако итно не биде остварено овие наши барања, за кои слушаме дека е формирана работна група, тогаш ќе побараме оставка на министерката за труд и социјална политика. Но оставка ќе побараме и од премиерот кој многупати има изјавено дека Владата се грижи за пензионерите и дека пензиите во изминатиот период се покачени – но, тоа не е доволно! Со вакви пензии пензионерите се понижени, тие не можат да имаат достоинствен живот во староста, не можат доволно храна да купат, а да не зборуваме за здрава храна, а проблем ни е и да ги озбезбедиме сите лекарства кои ни се потребни – велат пензионерите кои протестираат.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска завчера најави дека до крајот на месецот очекува конкретни предлози во однос на пензиите, со фокус на пензионерите со ниски месечни примања, а за што изминатиот период заседаваше работната група формирана по првиот протест на пензионери во Скопје.