Пензионерите од Кавадарци и од Кочани денеска излегоа на улица и се приклучија на барањата на пензионерите од другите градови за линерано наместо процентуалното зголемување на пензиите и за утврдување систем на најниска пензија која ќе изнесува 80% од минималната плата во земјата.
Членовите на Здружението на пензионери од Кочани денеска на протест побараа зголемувањето на пензиите од септември да биде линеарно, односно во апсолутен износ од по 3.500 денари.
На протестот беше нагласено дека во Кочани има над 6.200 пензионери, а со процентуалното покачување од 6,8 отсто бидат онеправдани повеќе од половината од нив кои земаат пензија под 15.000 денари.
– Ние сме пензионери кои земаме пензија од државниот пензиски фонд во кој месечно се собираат близу 17 милијарди денари, плус се финансираме од двата приватни пензиски столба кои учествуваат со 5,4 милијарди денари. Тие средства не стигнуваат за сите пензии, а она што го бараме е зголемувањето да биде линеарно. Целта ни е да се надмине несигурноста кај пензионерите со ниски пензии. Лично имам висока пензија, но барам линеарно зголемување затоа што и со тоа нема да изгубам ништо, туку солидарно ќе добијам колку што ќе добијат и другите пензионери – изјави Благој Беќарски, претставник на пензионерите од Кочани.
Пензионерите побараа воведување на минимална пензија и при зголемување на минималната плата линеарно да се зголемуваат и пензиите.
– Ако минималната плата е нешто над 20.000 денари, тогаш најнискиот износ на пензиите да биде 80 отсто од тој износ, односно 16 илјади денари месечно. Мора да има некаков лимит под кој не може да се оди, затоа што половина од средствата ги трошиме за лекарства, а на пензионерите со минимални пензии малку им останува за другите потреби – вели Орце Давитков, пензионер од Кочани.
Членовите на Здружението на пензионери од Кочани најавија дека ќе формираат посебно тело кое ќе го координира протестот и заедно со колегите од другите градови ќе работат на исполнување на барањата.
Пензионерите од Кавадарци денеска протестираа пред седиштето на пратениците од овој град, но не успеаја да им ги соопштат нивните барања кои покрај линерано зголемување на пензиите од септември бараат и да се утврди најниска пензија од 18.000 денари.