Пензионери деновиве преку протести бараат линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари наместо најавеното зголемување од 6 отсто кое се очекува од септември. Тие бараат и да се утврди најниската пензија да не биде под 20.000 денари со образложение дека со сегашните примања не можат да ги покријат основните месечни потреби за лекови и храна.
Протестите на пензионерите почнаа во Прилеп, се проширија и во другите градови и се одржуваат секој ден. Засега нема реакција од владата, но реагираше Сојузот на пензионери и пензионерскиот синдикат. Сојузот се изјасни дека не прифаќа линеарно зголемување на пензиите, но најави дека веќе подготвува предлози за зголемување на минималната пензија. Синдикатот на пензионери, пак, е за линеарно усогласување на пензиите и законско утврдување дека минималната пензија ќе биде 60 отсто од просечната плата во државата.
За пензионерите кои земаат најниски пензии е неразбирливо како државата дозволи функционерите да добијат зголемување на платите од 78%, администрацијата од 10%, а пензиите да се зголемат само за 6%.
Тие сметаат дека процентуалното зголемување на пензиите треба да се замени со линеарно за да се намали јазот помеѓу оние кои земаат најниска и највисока пензија. И со најавеното зголемување од 6 отсто покачувањето на повисоките пензии ќе биде повисоко.
– Процентуалното покачување прави голем јаз меѓу нас кои земаме ниски пензии и оние кои земаат највисоки. Пример, тој што зема 10.000 ќе зема 11.000, додека оние што земаат 50.000 ќе земаат 60.000 денари. Затоа сметам дека зголемувањето на пензиите треба да биде линеарно еднакво за сите. И да ви кажам, цените на прехранбените производи и на лековите, кои ги користиме сѐ повеќе, се исти за сите и за оние со 10.000 денари и за оние со 60.000 денари. Прашање е како да преживеат оние со ниски пензии – вели пензионерка.
Сојузот на пензионери против линеарка, синдикатот бара најниска пензија
Додека пензионерите се расправаат дали зголемувањето на пензиите да биде процентуално или линеарно, можно е државата да нема пари да ги покрие сегашните исплати на пензиите бидејќи веќе доцни со намирување на долгот кон банките кои предвреме ги исплаќаат пензиите.
Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија преку соопштение од извршниот одбор соопшти дека е против линеарното зголемување на пензиите, бидејќи како што вели, линеарно усогласување нема ниту во земјите од нашето опкружување ниту во пензиските системи на европските земји. Оттаму потсетуваат дека годинава пензиите со методологијата која е актуелна ќе се зголемат за околу 15%.
Од Сојузот, сепак, признаваат дека минималната пензија е многу ниска и затоа го поддржуваат барањето за покачување на висината на минималната пензија.
„Сојузот на здруженија на пензионери затоа подготви предлози за зголемување на износот на најнискиот износ на пензија и истите ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика. СЗПМ смета дека предлозите се одржливи и остварливи и нема да предизвикаат финансиска нестабилност на Фондот на ПИОМ“, се наведува во соопштението од Сојузот на пензионери.
Спротивно на Сојузот на пензионери, Пензионерскиот синдикат при Конфедерацијата на слободни синдикати го поддржа барањето на пензионерите за линеарно усогласување на пензиите и предлага минималната пензија да се утврди на 60% од просечната исплатена нето-плата.
– Просечната нето исплатена плата за мај 2023 година изнесува 36.465 денари. Доколку се применува нашето предложено законско решение, просечната пензија да биде 60% од просечната плата, просечната пензија би изнесувала 21.879 денари. Разликата би изнесувала 2.829 денари од пензијата исплатена во мај 2023 која изнесува 19.050 денари. Тоа би значело дека Пензионерскиот синдикат предлага линеарно усогласување на сите пензии за 2.829 денари – велат од пензионерскиот синдикат.
Фондот за пензиско ќе потоне во проблеми
И додека пензионерите се расправаат дали зголемувањето на пензиите да биде процентуално или линеарно, можно е државата да нема пари да ги покрие сегашните исплати на пензиите, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
– Тоа може да се види од фактот што државата доцни со исплата на долгот кон банките за предвремената исплата на пензиите востановена во 2020 година за време на ковид кризата. Државата која треба да ги исплати износите кон банките до крајот на месецот, односно до 31, последните месеци доцни со денови, а овој месец веќе доцни 10 дена. Тоа значи дека државата има сѐ помалку пари за покривање на дупката во Фондот за пензиско и сѐ поизвесно е дека Фондот многу брзо ќе дојде во криза. Со тоа се доведува во прашање исплатата на пензиите, не само нивната висина – вели Хајредини.
Според него, оправдан е револтот на пензионерите со ниски пензии кои се бројни, но според него, линеарното зголемување на пензиите ќе доведе до нарушување на сразмерот меѓу пензиите.
– Треба да се модифицира барањето на пензионерите бидејќи линеарното зголемување би значело нарушување на внатрешните односи меѓу пензионерите и нивните пензии со тоа што за едните ова зголемување кое го бараат од 3.000 денари би значело зголемување на пензиите од 10%, а кај другите 3% – вели Хајредини.
Тој смета дека треба да се интервенира кај најниските пензии за да се подобри стандардот кај оваа категорија луѓе кои не се мал број од популацијата.
– Револтот на овие граѓани е голем и никој сега од владата нема образ да излезе, и по високото зголемување на платите на функционерите од 78 отсто, да го оправда ова зголемување на пензиите. Дел од пензионерите земаат прениски пензии од 10.000 денари – вели тој.
Прашавме за став околу предлозите на пензионерите за линеарното зголемување на пензиите и во Министерството за труд и социјална политика, но не добивме никаков одговор.
Кој колку добива со зголемување од 6%?
Ако се реализира најавеното зголемување на пензиите од 6%, најдобро ќе поминат 850 пензионери со воена пензија. Тие ќе добијат зголемување од 1.620 денари, додека само 588 денари ќе добијат 56 корисници на земјоделска пензија.
Зголемувањето на пензиите кај старосните пензии ќе изнесува 1.233 денари, а кај инвалидската пензија 1.018 денари.
Во земјава, според податоците на Министерството за труд и социјална заштита, има вкупно 333.882 пензионери. Вкупно 94.117 пензионери земаат најниска пензија која е под 13.300 денари, до 16.000 пензија земаат вкупно 67.013 граѓани, до 22.000 денари земаат 78.627 пензионери, а над овој износ пензија земаат вкупно 94.125 пензионери.
Според членот 37 од законот за пензиско и инвалидско осигурување, усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%. Процентот на усогласување се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.
Како се усогласуваа пензииите по години
Во земјава усогласување на пензиите има од 2006 година кога на годишно ниво пензиите се усогласиле за 1,50%. Во време на владите на ВМРО-ДПМНЕ од 2014 до 2016 година беше одлучено пензиите да се усогласуваат односно да се зголемуваат во фиксен износ. Така во 2014 година на годишно ниво пензиите се зголемија за 600 денари, во 2015 за 621 денари, а во 2016 година за 654 денари.
По овој период усогласувањето на пензионерите продолжи да се врши процентуално. Во првото полугодие од годинава пензиите беа усогласени за 8,40%, а е најавено дека во септември пензиите ќе се усогласат за 6%.
Движење на процентите за усогласување на пензии по години
Државата годишно покрива голем дел од кусокот на пари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Според буџетот за годинава, државата во пензискиот фонд треба да пополни дупка од 508,3 милиони евра. Тоа е за 7,3 милиони евра повеќе отколку минатогодишниот трансфер, кој изнесувал 501 милион евра.
За пензии годинава се планирани 1,2 милијарди евра. Од придонеси за пензиско осигурување во 2023 година се планира да се соберат 981,8 милиони евра.