Претседателот Стево Пендаровски го оцени како скандалозно барањето од страна на Софија да учествува во процесот на уставни измени на земјава. Такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите кои ги окупираат – рече Пендаровски.
Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков вчера рече дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во постапката за впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, по што македонското МНР излезе со реакција дека дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на земјава, кое како обврска е поврзано со пристапните преговори за членство во ЕУ.
– Барањето од Софија е скандалозно. Такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите кои ги окупираат. Во 21-ви век е апсурдно непримерено да барате да се мешате во внатрешните политички и уставно-правни процеси на која било држава. И мислам дека во таа смисла нашиот одговор преку МНР вчера беше на место – рече Пендаровски во одговор на новинарско прашање.
Според Пендаровски концептот околу мнозинства и малцинства во Република Северна Македонија е надминат, таа дебата е завршена со Рамковниот договор во 2001 година.
– И во поранешна Југославија никогаш не сме употребувале термин „национални малцинства“ туку имаше „народи“ и „народности“. Зошто? За да не навредиме никого кој живее тука, а е како бројка помалку од мнозинскиот народ. Мислам дека тоа е депласирана дебата и не треба да губиме време за тоа – вели Пендаровски.
Тој информриаше дека професорот од Правниот факултет Александар Спасовски, кој е негов правен советник, ќе биде дел негов претставник во работната група за измени на Уставот.