Претседателот Стево Пендаровски изрази сочувство до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и до семејствата на загинатите во силниот земјотрес во Турција.
„Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите, претседателот Реџеп Таип Ердоган и турскиот народ во овие тешки мигови по страшниот земјотрес што ја погоди Турција. На повредените им посакувам брзо закрепнување“, напиша претседателот Пендаровски на својот официјален Фејсбук профил.
Повеќе од 300 луѓе загинаа во Сирија и во Турција во силниот земјотрес во близина на јужниот турски град Газиантеп рано утринава. Се очекува бројот на загинати да се зголемува.