Претседателот Стево Пендаровски тврди дека со последните измени на Кривичниот законик, експремиерот Никола Груевски нема да се врати во Македонија.
Во интервју за „Гласот на Америка“ (ВОА) по говорот на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, на македонскиот претседател му беше поставено прашањето дали може да гарантира дека по измените на Кривичјниот законик, ако Груевски се врати во Македонија, ќе биде изведен пред лицето на правдата?
– Јас тоа како политичар не можам да го гарантирам бидејќи тоа треба да биде активност на правосудните органи, не можам да се мешам во тој дел. Но, ова го тврдам децидно – со последните измени на Кривичниот законик, Никола Груевски нема да се врати во Македонија. Досега не се вратил, поради овие измени нема ни да се врати, тоа е сигурно – одговори Пендаровски.
Тој додава дека измените на Кривичниот законик никако не треба да се сфаќаат како амнестија.
– Не, не се амнестија, на ниеден начин. Ако тоа навистина беше амнестија, еве да логицираме како обични граѓани, Груевски денеска ќе беше во Македонија. Груевски не е во Македонија. Зошто не се врати? – рече претседателот.