Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На свечената церемонија, претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија придава големо значење на развојот на односите и соработката со Обединетото Кралство, оценувајќи дека Обединетото Кралство имаше круцијална улога во развојот на Република Северна Македонија како европска демократија.
– Особено ги цениме силните партнерски односи кои ги негуваме во рамки на НАТО, посебно во време кога се соочуваме со сериозни глобални безбедносни предизвици. Ве уверувам дека Северна Македонија ќе продолжи активно да придонесува кон сите идни мировни процеси како земја – сојузник и партнер на НАТО, а во интерес на добробитта на европскиот континент и пошироко – рече претседателот Пендаровски.
На церемонијата амбасадорот Лосон истакна дека односите меѓу двете држави се навистина важни за Обединетото Кралство.
– Ја зголемуваме нашата поддршка и за Северна Македонија и за регионот со цел да ги поддржиме вашите напори за градење просперитет во безбедно и стабилно соседство. Успехот во овие области исто така ќе биде од корист за Обединетото Кралство и Европа како целина – рече амбасадорот Лосон.
Претседателот Пендаровски на амбасадорот Лосон му посака успешно извршување на значајната дипломатска мисија.