Најдобриот бразилски фудбалер на сите времиња, 82-годишниот Пеле, му ја честиташе на аргентинскиот капитен Лионел Меси освоената титула светски првак, но во објавата на Инстаграм не ги заборави ниту францускиот напаѓач Килијан Мбапе и репрезентацијата на Мароко.
„Честитки за Аргентина! Диего сега сигурно се смее”, напиша Пеле, алудирајќи на аргентинската фудбалска легенда, Диего Армандо Марадона, кој почина пред две години, а во 1986 година на Мундијалот во Мексико ја предводеше Аргентина до титулата светски првак.
На возраст од 35 години Лионел Меси конечно успеа да го повтори успехот на Марадона со Аргентина, постигнувајќи два гола во вчерашното финале против Франција.
„Денес, фудбалот раскажа уште една приказна, како и секогаш, на прекрасен начин. Меси ја освои светската титула, како што ѝ му доликува на неговиот развој и подем”, порача Пеле.
Легендарниот Бразилец, притоа, не го заборави ниту Мбапе, кој на Мундијалот во Катар беше прв стрелец со осум голови, од кои три постигна во вчерашното финале, а беше прецизен и во пенал серијата.
„Мојот драг пријател, Мбапе, постигна четири голови во финалето. Каков подарок беше да се гледа оваа спектакуларна иднина на нашиот спорт”, наведе Пеле, кој за крај упати комплименти и за мароканската репрезентација, која заврши четвртопласирана на Светското првенство во Катар.
„Не можам да не му честитам на Мароко на исклучителниот настап. Прекрасно беше да се гледа како Африка блеска”, напиша Пеле.