Пејачката го прослави првиот роденден на својот син, а дури неодамна станаа познати строгите услови од договорот што го потпиша со сурогат-мајка во Америка.
Марија Шерифовиќ, една од најпознатите пејачки во регионот, минатата година со помош на сурогат-мајка стана мајка на својот син Марио. Момчето е родено во Лос Анџелес, во клиника специјализирана за такви процедури, а Марија го чувала процесот во строга тајна, споделувајќи ја радосната вест само со најблиските.
Освен со мајката Верица, која била информирана за секој чекор, Марија веста ја споделила прво со тројца долгогодишни пријатели. Едната од нив, Јована Пајиќ, била со Марија во Дубаи кога ја добиле веста дека бременоста успешно започнала. Непосредно пред тоа, Марија веднаш заминала во Лос Анџелес да биде со сурогат-мајката во првите денови од бременоста.
– Итно одам во Лос Анџелес и тоа само на четири дена. Никогаш досега не сум имала ваква авантура – изјавила тогаш Марија во еден од своите блогови.
Во текот на целата бременост, Марија редовно патувала во Америка, следејќи го секој детаљ од развојот на бебето. Мајката на Марија, Верица, ѝ се придружила на следното патување, во мај, кога и двете ја запознале сурогат-мајката, за која имаа само пофални зборови.
За да стане мајка на овој начин, Марија потпишала договор кој вклучувал строги услови. Сурогат-мајката морала да биде физички и психички здрава, на возраст од 21 до 42 години, со претходно искуство на нормално породување без компликации. Процесот вклучувал и голем број забрани, како што се употреба на алкохол, цигари, боење на косата и одење во сауна. Во текот на целата бременост, Марија била активно вклучена, редовно се среќавала со сурогат-мајката и заедно со неа одела на прегледи.