Патник пробал да влезе во пилотската кабина на летот од Осло за Сплит, а кога видел дека не може да ја отвори вратата со „брутална сила“, се заклучил во тоалетот во задниот дел од авионот. Подоцна бил приведен од норвешката полиција.
Инцидентот се случил вчера на летот DY1990 на Norwegian Air, непосредно пред полетувањето за Сплит.
Поради вонредната ситуација во кабината, екипажот на Боинг 737-800 (LN-NIE) се откажал од движење до пистата и го паркирал леталото.
На помош била повикана аеродромската полиција која го привела заклучениот во тоалетот. Според сведочењето на други лица на летот, тројца полицајци влегле во леталото и со лисици на рацете го извадиле патникот од авионот.
Според медиумите, тој наводно не бил во алкохолизирана состојба, а засега не се познати мотивите за таквиот чин.
Поради инцидентот, летот DY1990 за Сплит бил одложен. Наместо во 08:40, Боингот 737 од Осло слетал на сплитскиот аеродром во 10:45 часот, а Norwegian Air им се извини на патниците за доцнењето.
фото: pixabay.com