Дел од новоизградените згради во Скопје, некои дури и во државна сопственост, се направени без приклучок на системот на загревање со топлинска енергија, па нивните станари се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат со затоплувањето. За архитектите и градежниците е нејасно поради кои причини овие згради се изградени без приклучок за парно, ако во најголемиот дел од Скопје има мрежа за топлинска енергија.
Во оваа група на згради се и некои од градбите изградени во рамки на проектот „Скопје 2014“, меѓу кои и зградата на Регулаторната комисија за енергетика па сега треба да инвестираат повторно за да се приклучат на парно.
Според одредени податоци, со ваков проблем се соочени станарите на 20 новоизградени згради во Скопје што беше повод за иницијатива од пред неколку години за измени на Законот за градба и Законот за енергетска ефикасност на зградите со кои ќе се воведе обврска секоја зграда која може да се приклучи на топлинската инфраструктура тоа да го стори.
Дел од градежниците го оправдуваат ваквото однесување на своите колеги со тоа што ваквите згради се поевтини за градба, а процедурите за инсталирање на парно се компликувани. Тие бараат државата да ги поевтини процедурите. Дополнително, во Законот за градење не се бара секоја зграда да има парно, туку да се овозможи некаква можност за затоплување на зградата, најчесто на струја.
Од Градежната комора која работи во состав на Сојузот на стопански комори сметаат дека нема причина зошто новоизградена зграда во Скопје не би била приклучена на парно греење доколку за тоа има соодветна инфраструктура во делот од градот каде што е изградена.
– Доколку во регионот каде што се гради зградата има соодветна инфраструктура, реално е да се проектира и изгради зграда со инсталирано парно и соодветен приклучок. Како Комора немаме анализа во која се спомнуваат новоизградени згради без парно, но поддржуваме законско решение кое би го регулирало прашањето. Сѐ што е во интерес на граѓаните, како идни станари на овие згради, а се однесува на поудобно живеење, ние како Комора ќе прифатиме – вели претседателот на Градежната комора Ивица Јакимовски.
И архитектот Никола Велковски е на став дека новоизградените згради треба да бидат приклучени на системот за топлинска енергија, бидејќи тоа е најекономично греење на идните станари на тие згради.
– Оваа инвестиција во зградите не е многу скапа за градежниците, бидејќи тие сето она што ќе го вградат во зградата ќе го наплатат од идните сопственици на становите. Дури многу поевтина е од зграда која би се затополувала со струја. Затоа не е прифатливо оправдувањето дека инвестицијата е скапа за градежниците и затоа не градат згради со парно. Затоа сметам дека оние кои имаат близу инфраструктура да ги приклучат зградите, а ако не се приклучат да следат високи казни – вели Велковски.
Според него, проблем е тоа што проширувањето на мрежата за парно не го следи интензитетот на изградба на згради на одделни површини.
– Во такви услови парното не е веќе проблем на градежниците, туку на државата и на компанијата која се грижи за мрежата на топлинска енергија. Тука треба да се инвестира. Како градежен сектор бараме Градот и државата да изградат инфраструктура за топлинска енергија во деловите од Скопје каде што се гради интензивно – додава Велковски.
И Роберт Хот од компанијата „Хот-Хот“, која гради куќи, смета дека мрежата на топлинска енергија во Скопје треба да се прошири на целото градежно подрачје за да се овозможи поголем опфат на објекти со парно, што според него ќе придонесе за намалување на загадувањето во Градот.
– Повеќето од градежните парцели каде што градиме куќи се без пристап до мрежа на парно и мораме да се потпреме на други решенија за греење на идните станари кои можеби и се поскапи. Едно од нив е струјата која во одредени услови може и да биде проблем за идните корисници на греењето. Затоа прифаќам со закон да се регулира да се проектираат и изведат објекти со парно, со тоа што државата би презела обврска да ја прошири мрежата во деловите каде што се гради – вели Хот.
Прашањето на објектите кои имаат можност да се приклучат на парно а немаат вградено инсталација за парно е голем проблем велат градежниците. Велковски смета и дека речиси е градежно неизведливо на веќе изградена зграда да се поставува инсталација за греење, ако веќе инвеститорот не го сторил тоа.
– Проблем е ако нема инсталирано радијатори и друга инфраструктура во зградата. Повторното инсталирање не само што е скапо е речиси неизводливо бидејќи ќе треба да се работи во сите станови, а зградата подолг период нема да биде употреблива. Многу полесно тоа би се направило во зградите на институциите каде што би можело да се реализира со дислокација на институцијата или во период на одмори. Но, главно овие згради би претрпеле огромни оштетувања – вели тој.
Ставот на Регулаторната комисија за енергетика е дека државата мора законски да го реши проблемот за да нема нови згради кои не се приклучени на парното бидејќи други решенија за греење во Скопје се многу поскапи.
– Проблемот на неприклучените згради на парно веќе неколку години инсистираме да се реши преку законски измени на Законот за градење. Се работеше на иницијативата, а до каде е состојбата сега не знаеме бидејќи овој закон претрпе неколку измени. Повеќе информации за тоа веројатно имаат во Министерството за градежништво и новото за Енергетика – велат од Регулаторната комисија за енергетика.
Во врска со приклучувањето на зградата на РКЕ на парно, оттаму велат, дека треба да нарачаат студија која ќе утврди на кој начин ќе треба да се направи тоа и колкава инвестиција би била.
Колку од државните институции не се приклучени на скопското парно, засега немаме информација, но факт е дека вакви објекти има, а новата инвестиција, како што велат архитектите не само што е голема, туку е и тешко да се изведе.