Јавното претпријатие за државни патишта информира дека се исплатени 117 милиони евра согласно Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година, донесена на седница на Влада.
„Спред законските обврски од посебниот закон и потпишаниот Договор со изведувачот Конзорциумот „Бехтел – Енка“, како и согласно владината Програма, овие пари се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите: делница 1 – автопат Тетово – Гостивар, со очекувана должина од околу 17,5 километри, делница 2 – автопат Гостивар – Букојчани, со очекувана должина од околу 30,3 километри, делница 3 – автопат Требениште – Струга – Ќафасан, со очекувана должина од околу 17,5 километри и делница 4 – автопат Прилеп – Битола, со очекувана должина од околу 39,3 километри“, се наведува во информацијата.
Од претпријатието информираат дека во следниот период, ќе се реализираат и подготвителните работи како што се снимањето на локации, подоготовката на урбанистичките проекти, на основните проекти, чија цел е да започнат и постапките за експропријација и проектирање.
Оттаму додаваат дека делниците треба да завршат во декември 2027 година.
„Коридорите 8 и 10-д се најголемиот стратешки инфраструктурен проект од национален интерес за државата. Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. Со овој Договор се предвидува да се изградат околу 110 километри автопатишта во следните 4,7 години или по 23 километри автопат годишно. Со нивната изградбата се отвораат нови 8.000 работни места, а проценката е дека ќе имаме раст на БДП за 2 % годишно во наредните 5 години.Со изградбата на овие автопати, конечно, се завршува мрежата на патните европски коридори – 8 и 10-д низ земјава“ , наведуваат од ЈПДП.
Оттаму додаваат и дека поради габаритот на целокупниот проект поврзан со изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, но и во интерес на јавноста, ЈПДП за целото ова време беше максимално транспарентно и го стави на увид на јавноста секој сегмент од спроведување на законските обврски, протоколи и сите други неопходни пропцедури.
-Поддршката од пошироката јавност за овој историски проект е од исклучителна важност. Затоа, ЈПДП и понатаму детално, навремено и транспарентно ќе ја информира јаноста за сите фази и детали околу изградбата на најзначајниот инфраструктурен проект во нашата земја – велат од претпријатието.