Федералните резерви (ФЕД) ги намалија каматните стапки за 25 процентни поени, трето последователно намалување, со најава дека во наредните години промена на каматата ќе оди со намалено темпо бидејќи веќе е достигнато планираното ниво.
Федералниот комитет за отворен пазар ги намали каматните стапки за 25 базични поени, во опсег од 4,25 до 4,5%, што е ниво од декември 2022 година, кога стапките почнаа да растат.
Намалувањето беше очекувано, па сега клучно прашање е сигналот од ФЕД дека инфлацијата е уште висока и ја надминува целта за солиден економски раст.
Со намалувањето на каматните стапки за 25 базични поени, ФЕД посочи дека до крајот на 2025 година би можеле да следат само уште два слични потези. Проекциите вклучуваат дополнителни намалувања од четвртина поен во 2026 година и по еден во 2027 година.
На прес-конференција, претседателот на Федералните резерви Џером Пауел рече дека ФЕД го забавува намалувањето на стапките бидејќи тие се приближуваат кон она што креаторите на политиката го нарекуваат „неутрално“ – ниво кое се смета дека ниту ја стимулира ниту ја попречува економијата.
Федералната каматна стапка директно влијае на меѓубанкарските заеми, но и на личните заеми, вклучително автомобилски кредити, кредитни картички и хипотеки.
Прва реакција на берзите по објавата на информацијата за намалување на каматите беше пад на вредноста на акциите.
Индексот S&P 500 падна за 2,9%, што дополнително се оддалечи од рекордната вредност забележана пред неколку недели.
Индустрискиот индекс Dow Jones падна за повеќе од 2,6%, а Nasdaq за 3,6%.