Акциите на „Леви Штраус“, производителот на познатите фармерки „левис“, паднаа откако компанијата објави дека очекува послаба продажба во претстојната празнична сезона поради воздржаноста на потрошувачите во Европа и во САД.
Компанијата соопшти и дека размислува да го продаде својот бренд Dockers поради незадоволителни резултати.
– Го стеснуваме нашиот фокус за да го реализираме целосниот потенцијал на брендот Levi’s и да го забрзаме воведувањето на новата линија „Beyond Yoga“ – изјави извршниот директор на компанијата Мишел Гас.
„Леви Штраус“ претходно се откажа од брендот „Denizen“ кој не го донесе очекуваниот профит, а имаше и отпуштања во некои региони за да се намалат трошоците.
Горенаведените чекори се покажаа како добро решение бидејќи „Леви Штраус“ постигна приспособена заработка по акција од 33 центи во третиот фискален квартал оваа година, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите на LSEG кои предвидуваа 31 цент по акција.