Гран Фондо е најатрактивната и најелитната велосипедска трка на светот, во која може да учествуваат професионалци и рекреативци. Тоа е најважниот глобален велосипедски настан на денешницата, кој доживеа експанзија особено во годините на и по пандемијата ковид-19.
На 18-ти септември 2022-та во Скопје ќе се одржи првата Гран Фондо трка во Македонија, со што нашата земја и нашиот главен град ќе добијат свое место на мапата на светски познатите и реномирани велосипедски настани, кои се одржуваат во сите развиени земји.
– Македонија ќе добие одлична шанса за промоција на велосипедизмот со светски популарен настан, кој може да влијае позитивно и на развојот на велосипедизмот и на развојот на туризмот на вашата земја. Ова е еден од првите чекори со кои се обидуваме да ја вметнеме Македонија на светската велосипедска мапа. Имаме одличен соработник во името на Велосипедската Федерација на Македонија – изјави Енрико Дела Каса, претседателот на Европската Велосипедска Унија.
Освен натпреварувачки и рекреативен карактер, овие трки во многу нешта придонесуваат и за развој на туризмот и за збогатувањето на портфолиото на државите и градовите кои се организатори, затоа што предвидуваат учество на голем број натпреварувачи и воедно присуство на огромен број гледачи вљубеници во велосипедизмот, од сите страни на светот.
ВФМ обезбеди организација на уште еден голем настан од оваа серија, а тоа е Гран Фондо ЕП во 2023-та година.
– Можеме со задоволство да истакнеме дека освен организацијата на евентот Гран Фондо Скопје 2022, ја добивме организацијата и на европското првенство во Гран Фондо, кое ќе се одржи 2023-та година. Тој настан најверојатно ќе биде одржан во јуни, но ќе почекаме додека да ги утврдиме сите детали. Ова е само уште една потврда за заложбите на Велосипедаката федерација на Македонија, за развој и промоција на велосипедизмот – изјави претседателот на ВФМ, Сашо Димитријоски.
На Гран Фондо трките може да учествува секој еден поединец, рекреативец или професионалец, кој има велосипед и кој сака да биде дел од овој спектакл. Пријавувањето се врши преку сајтот granfondo.mk, во секцијата „регистрација“. Социјалните медиуми се Instagram акаунтот и Facebook страната, кои може да ги најдете под името Gran Fondo Skopje или @granfondoskopje.
Велосипедската Федерација на Македонија и Гран Фондо ги повикуваат сите искрени љубители на велосипедизмот и на спортот воопшто, да присуствуваат на овој голем настан во улога на натпреварувачи или гледачи, со цел заедно да ги промовираме вистинските човекови вредности.`