Поранешен лидер на Ерменците во Нагорно-Карабах во средата изјави дека близу 100 луѓе биле убиени, а стотици биле повредени откако Азербејџан започна операција против ерменските сепаратистички власти.
„Ова е голема војна. Азербејџан започна целосна операција“, изјави за Ројтерс од Нагорно Карабах Рубен Вардањан, поранешен лидер на отцепениот регион.
Тој посочи дека азербејџанските сили ја продолжиле воената операција во текот на ноќта и во средата.
Стотици луѓе се веќе повредени, а близу 100 загинати“, рече Варданјан.
„Тие всушност ни велат дека треба да заминеме, да не останеме овде или да прифатиме дека ова е дел од Азербејџан. Ова е во основа типична операција за етничко чистење и војна во која сега умираат многу цивили“, додаде тој.
Баку ги отфрла обвинувањата дека негова цел е етничко чистење на Нагорно-Карабах и вели дека ќе ги заштити правата на ерменските цивили во таа област во согласност со својот устав.
Сепак, тој вели дека е решен да ја отстрани политичката и воената структура на отцепениот регион.
Варданјан рече дека светот ја игнорира судбината на Нагорно Карабах.
„Русија молчи и Русија во основа ја игнорира целата оваа воена операција. Но, не само Русија молчи, туку и светот“, рече Варданјан.
„Никој ништо не прави. Сите го игнорираат, Русија молчи, но и Западот“, посочи тој.
„Можете ли да замислите што ќе се случи ако 120.000 луѓе одат во Ерменија?“, додаде тој.
Руското Министерство за одбрана во средата соопшти дека руските мировници евакуирале повеќе од 2.000 цивили од Нагорно-Карабах, отцепен регион под ерменска контрола, откако Азербејџан во вторникот ја започна својата „антитерористичка“ операција, јави руската државна новинска агенција ТАСС.