More

    Отворениот пазар на труд нема многу да ја раздвижи локалната работна сила

    spot_img

    Бизнисмените не очекуваат дестабилизација на пазарот на трудот во земјава од 1. март, кога се востановува заеднички пазар на труд на земјите од Отворен Балкан (Македонија, Србија и Албанија), но очекуваат на полесен начин да дојдат до одредена категорија работници кои им се потребни.

    Синдикатите, пак, имаат спротивен став – дека ќе продолжи одливот на кадар од земјава.

    Претставници на владите на трите земји во отворањето на пазарот на труд гледаат можност за подобрување на атрактивноста за вработување на 11 милиони луѓе. Тие убедуваат дека со подобрувањето на регионалната соработка ќе се подобри и животниот стандард и бизнис климата.

    Бизнисмените, сепак, знаат дека атрактивноста на пазарот на труд меѓу трите земји од Отворен Балкан не е голема бидејќи нудат речиси слични плати. Просечните плати се слични – во Србија е 758 евра, во Албанија 699 евра, а во Македонија – 614 евра. Истовремено, одливот на кадар кон европските земји е главниот проблем за трите земји. Тие очекуваат како поголем пазар да овозможат полесно доаѓање на работници од трети земји.

    – Не очекувам некои проблеми во отворањето на пазарот на труд за земјите од Отворен Балкан, туку само изедначување на пазарот. Трите земји имаат речиси ист стандард на работниците и се соочуваат со голем одлив на кадар кон земјите од Европската Унија, каде што во однос на платите има поголеми разлики. Трите економии имаат потреба од вработување на работници од трети земји и очекувам на овој начин полесно да увезуваме работници. Од Балканот можеме да очекуваме само да се олесни работата и да обезбедиме по некој стручен работник кој ни е неопходен – вели Крсто Блажески, претседател на Здружението на хотелиери (ХОТАМ).

    Тој за годинава очекува зголемување на квотите за вработување на странци.

    – На нашиот бизнис му се потребни повисоки квоти за обезбедување на работници од Бангладеш, Пакистан, Индија. За да го покриеме одливот на кадар кој заминува во европските земји. Годинава имавме квота од 5.000 работници, но таа беше потрошена само за увоз на градежни работници од Турција. Подоцна квотата порасна на 7.000 работници – додава тој.

    И од текстилната индустрија велат дека не очекуваат некаков голем прилив на работници од Србија и Албанија бидејќи платите и условите за работа се слични како нашите, а атрактивноста на земјава не е голема во однос на двете други.

    – Во однос на работниците не верувам дека ќе имаме некои проблеми со одлив или прилив на работници во овие земји и од нив. Можеби од Албанија ќе има некаков прилив кај нас во текстилот, но и тоа нема да се случи бидејќи платите се речиси исти, а трошоците за придонесите во Албанија на пример се пониски од нашите. Сепак, проблемот со недостиг на работници треба да го решаваме со увоз на кадар од трети земји-вели Маријана Перковска од Текстилниот кластер.

    Таа вели дека земјава не е атрактивна за работниците од Балканот затоа што има далеку полоши услови за работа-здравство, образование … а проблем за заедничкиот пазар во однос на извозниците ќе биде и тоа што земјава има фиксен курс на денарот.

    Синдикатите за разлика од бизнисмените сметаат дека единствениот пазар на труд во Западен Балкан дополнително ќе ја влоши состојбата со одливот на работници.

    – Ни во Сојузот на синдикатите сметаме дека и одливот на кадар ќе се продлабочи од 1 март кога ќе имаме отворен пазар на труд. И оние работници што ги задржавме овде во овој период со зголемување на платите ќе се одлеат во наредниот период во Србија каде што просекот на плати е повисок од нашиот. Во спротивна насока тешко дека некој ќе бара работа кај нас – вели Иван Пешевски, претседател на синдикатот на градежници.

    Тој додава дека во синдикатот нема регистрирано барање за синдикална заштита или зачленување на работници кои дошле од Србија или Албанија.

    – Освен во една градежна фирма која работеше на патот Кичево – Охрид во која имаше работници од Албанија немаме регистрирано некои позначајни вработувања. Од Србија, пак, немаме никаков податок за вработувања во градежништвото – вели тој.

    Сличен став изрази деновиве и претставник на Сојузот на независни синдикати на Србија, Зоран Михајловиќ кој рече дека од отворањето на пазарот на труд во Отворен Балкан, најголема штета ќе има Србија бидејќи приливот на работници од Македонија и Албанија ќе ја намали цената на домашна работна сила.

    – Работниците од Албанија и Северна Македонија, кои нема да можат да одат во Западна Европа, туку ќе одлучат да дојдат во Србија, ќе ја намалат цената на работната сила за локалните работници, така што егзодусот во Европа ќе продолжи, не само на нашите експерти, туку и на помалку квалификуваната работна сила – изјави Михајловиќ за српските медиуми.

    Бојан Станиќ од Стопанската комора на Србија смета дека отворениот пазар на труд е придобивка за трите земји.

    – Факт е кога зборуваме за единствениот пазар на труд, секако дека е придобивка за земјите во рамките на оваа иницијатива едноставно да ги дислоцираат своите вишок работници на други делови од територијата на иницијативата Отворен Балкан за да можат едноставно да ги вработат тие работници. Кога зборуваме од гледна точка на Србија, тоа е можност ние во индустриите каде што има недостиг на работна сила да добиеме дополнителна понуда на пазарот под исти услови како и за локалните граѓани, но, од друга страна, секако значи и нашите работници кои не можат да најдат работа на одреден профил за кој се образувани овде во земјава, да се обидат со иницијативата Отворен Балкан во друга земја – изјави Станиќ за српските медиуми.

    Лидерите на трите земји ветуваат дека регионалната соработка ќе резултира со подобрување на животниот стандард и со подобра бизнис клима како за домашните така и за странските компании, како и решавање на проблемот со недостиг на работници затоа што се креира заеднички пазар на труд од околу 11 милиони работници.

    Планирано е трите држави да создадат единствена база на податоци за сите граѓани и сите слободни работни места и дека националните служби за вработување се составен дел на тој голем систем.

    – Огромните придобивки од овие договори е што се отстрануваат бариерите за вработување, а државјаните ќе може да работат во сите држави со единствен број за идентификација, без какви било дополнителни процедури. Граѓаните ќе можат да добијат „Отворен Балкан“ број за идентификација на нивниот национален портал за е-Влада или на нивниот национален портал за електронска идентификација. Единствениот број за идентификација е електронска идентификација со којашто се добива пристап до електронските услуги во државата каде што лицето го добило бројот – изјавија од Владата.

    Во земјава лани се издадени околу 5.000 работни дозволи на странски државјани на турски, косовски, албански, индиски, но и руски и украински работници. Во Србија лани биле издадени 50.000 работни дозволи за странци.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img