Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот – напиша европратеникот Ангел Џамбаски од редовите на ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов на Фејсбук, во реплика на пост на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во врска со отворањето на бугарски клуб во Охрид, кој го носи името на бугарскиот монарх, сојузник на Хитлер за време на Втората светска војна.
„Царот Борис Трети обединител е симбол на ослободувањето и единството на Бугарите. Ова господине Османи не е провокација, туку факт. Години на коминтерновски лаги и пропаганда не можат да ја променат историјата. И таа покажува дека бугарските чети биле пречекани како ослободители со цвеќиња и бугарски песни. Омразениот за сите Македонци Иван Михајлов вели: „Кога се отворија бугарски училишта во Македонија во 1941 година, таму немаше бунт и не се бараа други училишта“. Крајно време е политичарите крај Вардар да сфатат дека нивниот страв од колапс на лагата не ја оправдува омразата и репресијата кон Бугарите. Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот“, напиша Џамбаски на Фејсбук.
Османи во саботата го оцени како провокација отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид ден порано и изјави дека тоа оди на штета на бугарската заедница во земјава. Тој додаде дека МНР не добило покана да оди на отворањето, но и доколку добиело немало да ја прифати.
– Правото на здружување е неприкосновено и имаат право граѓаните да создаваат клубови колку што сакаат согласно законот и Уставот, но името не е во согласност со втората точка од конвенцијата, а тоа е во духот на дијалог и пријателство бидејќи ова име ниту придонесува ниту помага во пријателството, разбирањето и дијалогот помеѓу народите и државите туку напротив е основа за раздор и нетрпеливост. Оттука сметам дека да, тоа е провокација. Дури, ќе одам и подалеку. Мислам дека е на штета на бугарската заедница овде – рече Османи.
Клубот „Цар Борис Трети“ беше отворен во петокот во Охрид од здружението што го носи истото име, кое беше формирано претходно. Истовремено со отворањето на клубот, пред просториите каде се наоѓа, беше организиран протест, кој помина без инциденти иако на моменти атмосферата беше тензична.