More

    Откупувачите се жалат дека не можат да ги обезбедат договорените количини

    spot_img

    Ако пред повеќе години градинарите од Струмичко секоја производствена сезона не знаеја што да прават со вишокот производство и често го фрлаа и протестираа, а откупувачите го откупуваа по багателни цени, сега нема глас од незадоволните градинари. Улогите како да се сменија-трговците и откупувачите бараат килограм повеќе градинарски производи и со големи маки ги исполнуваат договорите со странските купувачи.

    Според откупувачите, и годинава и лани, производството на градинарски култури се повеќе се намалува, а најизразено е кај доматите, краставиците и пролетната зелка. Приносите се преполовени, а трговците сметат дека тоа се должи на сменетата структура на градинарското производство и драстичното намалување на бројот на земјоделците, кои ги напуштаат пластениците и нивите и заминуваат во странство.

    – Ако до пред повеќе години откупуваме и извезуваме 380 илјади тони домати, лани откупивме за десет пати помалку, односно околу 40 илјади тони. За цена не прашуваме, бидејќи имаме побарувачка од странство и мака мачиме како да го исполниме договореното. Стравувам да не дојдеме во ситуација да не извезуваме, бидејќи градинарите произведуваат количини доволни само за нашиот пазар – вели Благој Витанов од компанијата „Империјал фруит“.

    Намаленото производство на земјоделски производи го потврдуваат и од Државниот завод за статистика.

    Во првото тримесечје од 2023 година, откупот и продажбата на земјоделски производи изнесува 3.136.295 илјади денари и во однос на истиот период од претходната година се намалени за 35,3 отсто.

    Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано намалување за 58,7 отсто, додека кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство e забележано зголемување за 21 отсто.

    Значително намалување е забележано кај полјоделството, рибата и другите производи, а кај останатите производи е забележано зголемување.

    Според земјоделецот Ристо Велков и претседател на Сојуз на синдикат на земјоделски производители, од година во година се бележи се поголемо намалување на производството. Смета дека за таквиот тренд има повеќе причини, но најголема е недостигот на работна сила.

    – Знаеме дека најработоспособното население, исто како и во други стопански гранки, па и во земјоделството, во голем број ја напушта државата. Наместо како досега егзистенцијата да ја бараат во земјоделството, тоа го прават во странство. Дел од нив и таму работат земјоделство, односно работат во текот на тамошната сезона и потоа пак се враќаат тука. Таму заработуваат повеќе, но се враќаат и тука ги трошат парите – констатира Велков.

    Велков вели и дека годинава земјоделците треба да се задоволни од висината на откупната цена на нивните производи, иако тоа се должи на намалената понуда.

    – Според мене, овој тренд ќе продолжи и затоа неопходно да се направи нова стратегија и реформи во земјоделското производство и дури потоа да почнеме да размислуваме за зголемување на производството – смета Велков.

    Од неговите информации градинарското производство во струмичко е намалено за 40 до 50 отсто и тоа скоро на сите градинарски култури, а кај бостанот се очекува уште поголемо намалување поради нестабилната откупна цена.

    – Засега може добро да котира индустриската црвена пиперка, која е засадена на поголема површина и доколку има интерес за неа и се откупува за просечна цена од 25-30 денари за килограм, тогаш таа ќе остане на нивите. Во спротивно и неа ќе ја снемува од производството – посочи Велков.

    Тој подвлекува дека на намалувањето на градинарското производство влијаат и климатските промени, посебно на производството на отворено и затоа и затоа треба да се размислува како да се намали влијанието на лошите временски услови, но и да се користат искуства од други земји за засадување на култури кои се поотпорни на промените.

    Трговците половина на шега, половина на вистина велат дека се оди и се бара, само нема производство.

    – За десетина денови завршува првиот производствен турнус под пластеници и стакленици, посебно на доматите и краставицата. Е, тогаш може да се соочиме со недостиг на градинарски производи додека да стаса вториот циклус. Но, генерално драстично е намалено производството на сите градинарски култури, со исклучок на индустриската црвена пиперка – вели трговецот Благој Витанов.

    Тој смета дека дел од причините за намалувањето на производството се и во ниските откупни цени пред неколку години и несигурниот откуп, кога одредени култури се откупуваа по багателни цени.

    – Токму заради тоа земјоделците сега садат повеќе култури на иста површина за да можат да заработат од една доколку другата култура не оди. Но, дефинитивно количините се намалени и затоа се соочуваме со недостиг на производство – посочува Витанов.

    Според трговците, градинарското производство од струмичко годинава се извезува на пазарите во Бугарија, ЕУ, Украина и поранешните југословенски пазари, но во многу помали количини во споредба со порано.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img