Сончевиот систем е прилично уредно место. Секоја планета останува во својата лента, на сопственото растојание од Сонцето и си ја гледа својата работа. Не баш! Ново откритие публикувано во Astronomy & Astrophysics сугерира дека две планети во системот PDS-70 си „возат“ по иста трака, пишува НаученАларм. И ништо не им фали.
Овој сончев систем е далеку од нас, на 370 светлосни години. Овие планети затоа ги нарекуваме егзопланети. Двете планети за кои станува збор се бебиња гасни џинови, тоа би значело како мали Јупитери. Една од планетите е двојно поголема од Месечината.
А сега првпат имаме доказ дека тие можат да бидат на иста трака.
– Пред две децении, теоретски беше предвидено дека парови на планети со слична маса може да ја делат истата орбита околу нивната ѕвезда, тoa се таканаречените Тројански или коорбитални планети. За прв пат најдовме докази во прилог на тоа идеја – вели астрофизичарката Олга Балсалобре-Руза од Центарот за астробиологија во Шпанија.
Како е ова можно? Па, замислете дека сте некое помало тело, метеор или месечина. Кружите меѓу Сонцето и Земјата, на пример. Постојат места каде што привлекувањето на Сонцето и на Земјата се балансира, па таму е идеалната „дупка“ за да си поседите и да не трошите гориво.
Вакви места има пет, тие се петте точки на Лагранж познати во науката. Во една таква точка е, на пример, сместен телескопот Џејмс Веб кој неодамна го испративме во вселената.
Токму во две такви точки во орбитата околу нивната ѕвезда се нашле овие две планети. А бидејќи има пет вакви можни точки, околу една ѕвезда можат, во иста орбита, да се вртат, теоретски, и пет планети.
И уште нешто. Овие точки се и одлично место да се збираат повеќе метеори, астероиди и други вселенски „камења“ и притоа да формираат нова планета, или ако не планета, тогаш, месечина на некоја планета. Во две од овие точки околу Јупитер, во нашиот сончев систем, се собираат многу од неговите месечини, поточно кружат околу ваквата точка во празниот вселенски простор.
– Можеме да замислиме дека една планета може да ја дели својата орбита со илјадници астероиди како во случајот со Јупитер, но чудно ми е што планетите би можеле да ја делат истата орбита – вели Олга Балсалобре-Руза.
Сега засега, една од планетите кои се откриени уште е во фаза на таква прашина, што значи дека веројатно се формира.
За ова да се докаже научниците пак ќе треба да го набљудуваат овој систем во 2026 година.
Замислете колку би било интересно да можеме точно да знаеме и да симулираме како една планета се создава од тие прашинки на метеори и „камења“? Токму тоа би бил вистински пробив во астофизиката на егзопланетите.