Истрагата на ФБИ открила нови детали од кобното снимање, а потврдено е дека Алек Болдвин го повлекол чкрапалото од пиштолот со кој ја убил камерманката на снимањето на филмот „Раст“, Халина Хачинс.
Познатиот актер во неколку наврати ги отфрли обвинувањата дека тоа го направил.
Како што потврдува истрагата, Болдвин ненамерно ја убил Халина Хачинс за време на снимањето што се случило во октомври 2021 година. Во таа прилика го повреди и режисерот Џоел Соуза.
Оваа трагедија се случи на ранчот во Санта Фе каде се снимаа кадрови од филмот.
Актерот цело време упорно негирал дека не го повлекол чкрапалото на пиштолот, кој требало да биде реквизит на сетот. Но, во новиот извештај се заклучува дека куршумот не можел да биде испукан на друг начин и дека тоа значи дека Болвин го повлекол чкрапалото, како што пишува „Дејли мејл“.
Во овие детали од истрагата е и можноста против актерот да биде поднесена кривична пријава за овој инцидент.
Одделот на шерифот Санта Фе потврди дека случајот со трагедијата од снимањето ќе биде проследен до окружниот обвинител.
Властите соопштија дека ги чекаат записите од телефонските повици на актерите, а обвинителите соработуваат со полицијата и адвокатите на Болдвин за да ги добијат тие докази. Записите ќе бидат прегледани од детективи, а извештајот за случајот потоа ќе биде испратен до обвинителот за да утврди дали против познатиот актер ќе биде поднесена пријава.
Форензичкиот извештај на ФБИ ги испитуваше сите области на несреќата како дел од поширока истрага за да се види дали има докази за кривични пријави.