Милица Гелова, жената за која македонската јавност се крена на нозе, безбедно пристигнала дома, откако нејзиното семејство објави дека се изгубила во Грција, на пат кон Лефкада.
Како што информираше нејзиното семејство на социјалните мрежи, таа утринава била забележана во еден автобус кој тргнал кон Македонија, а еден од патниците и испратил слика на роднината чии апели се споделуваа на социјалните мрежи, по што констатирале дека е Милица.
Инаку, кога пристигнала дома, на семејството им раскажала дека додека патувала од Агростоли до Фискардо, со автобус, на патот имало застој, и затоа го пропуштила бродот, на кој требала да се качи во 11.30 часот за да стаса до Василики на Лефкада, каде ја чекал роднина.
Со оглед на тоа што сѐ уште не се знаат сите детали, а Милица ги пропуштила сите наредни бродови до Лефкада, жената останала на плажа, каде ја поминала ноќта.
Утринава безбедно пристигнала дома во Неготино, и во моментов е со своето семејство.
Нејзините блиски и се заблагодаруваат на македонската јавност и на медиумите кои споделуваа и пишуваа за Милица, за нејзино брзо наоѓање.
фото: Фејсбук