Необичниот билборд што се појави деновиве во Белград привлече големо внимание во целиот регион. На билборд извесна мама Дијана му го го честита дипломирањето на својот син Марко и му се извинува што не верувала во него.
„Му се извинувам на мојот син Марко што не верував дека ќе заврши факултет. Секоја чест синко, небото е граница. Мама Дијана“, пишува на билбордот кој набрзо стана хит на социјалните мрежи.
Белградската билборд приказна доби интересно продолжение во хрватскиот портал Индекс. По објавената фото-сторија мајката Дијана се јавила во хрватскиот портал и раскажала дека идејата за белградскиот билборд всушност почнала во Загреб.
– Марко студираше 12 години бидејќи паузираше, не му беше баш важно да го заврши факултетот, но јас многу инсистирав на тоа. Му ветив дека јавно ќе се извинам кога ќе му ја видам дипломата. Најдобрата опција ми се чинеше јавно извинување на билборд – изјави Дијана за Индекс.
Нејзиниот син не знаел ништо за целата идеја. Дијана признава дека не било лесно да се дојде до билбордот за Марко. Таа живее во Загреб и таму се обратила до маркетинг агенција, која на крајот и помогнала да ја реализира идејата и така осамнал необичниот билборд во Блеград.
– Марко дипломираше во мај, но јас не можев да го добијам билбордот толку брзо затоа што тој ме изненади со дипломирањето. Ми испрати фотографија и напиша дека дипломирал. Но, билборд тогаш го немаше, па беше поставен дури на 12 јуни. По толку студирање на сакав да му испраќам цвеќе и балони, ова ми изгледаше подобро – раскажува Дијана.
Марко не знаел дека мајка му ќе го одржи старото ветување, случајно го видел билбордот бидејќи постерот бил поставен во близина на неговото работно место.
– Беше многу изненаден и воодушевен. Еден ден потоа, веста за билбордот ја имаше насекаде. Не го очекував тоа. Утрото кога се разбудив бев изненадена од сето ова. Му реков на сопругот – сега недостасува само уште на телевизија да се појавиме! И така беше. Благодарна сум на сите што ја препознаа мојата идеја – низ смеа раскажува Дијана.
Таа открива дека сака да прави шеги и изненадувања за своите пријатели, но дека извинувањето на синот на билборд и е посебебн
– Најдобра идеја беше јавно да се извинам. Колку долго ја чекав таа диплома, еве јавно ти се извинувам. Технички, таа диплома нема да промени ништо важно во неговиот живот, но важно е кога нешто ќе почнеш тоа и да го завршиш – вели Дијана.
Марко од билбордот моментално живее и работи во Белград, а неговата мама Дијана откри дека тој наскоро ќе се жени, па ќе има уште една убава причина за радост и прослава.