Американскиот претседател уште не решил дали ќе го екстрадира бразилскиот колега Жаир Болсонаро, кој моментално ужива на Флорида, на само два ипол часа возење од Мар-а-лаго, имотот на Доналд Трамп. Истрагата за можен заговор за државен удар доби нов тек откако бразилската полиција во домот на поранешниот министер за правда пронашла нацрт-документ што се чини дека бил предлог за мешање во октомвриските претседателски избори, кои Жаир Болсонаро ги загуби, изјавија два извори блиски до истрагата.
Содржината на документот, изготвена откако Болсонаро ги загуби изборите со мала разлика од левичарскиот кандидат Луис Инасио Лула да Силва, предвидува воведување вонредна состојба, рекоа изворите.
Документот бил откриен во вторникот кога полицијата го пребарала домот на Андерсон Торес, кој стана шеф на обезбедувањето во бразилскиот главен град откако Лула ја презеде функцијата на 1 јануари. Судија на Врховниот суд нареди апсење на Торес во врска со безбедносни пропусти што им овозможија на приврзаниците на Болсонаро да упаднат во владините згради во неделата во обид да извршат воен удар за да го соборат Лула.
Торес, кој замина од Бразил за Флорида откако беше назначен за шеф на безбедност, на социјалните мрежи рече дека предметниот документ најверојатно е меѓу другите отфрлени документи чија содржина „протекла” во негово отсуство за да се создаде „лажна приказна”.
„Ја почитувам бразилската демократија. Мојата совест е чиста во однос на моите постапки како министер”, напиша Торес.
Ваквите наводи ќе претставуваат дополнителен притисок врз Бајден да го екстрадира поренашниоет екстремистички десничарски претседател на Бразил. Група од 41 претставник на Демократската партија во Конгресот побара од американскиот претседател Џо Бајден да му ја укине визата на Болсонаро.
„Не смееме да дозволиме Болсонаро или кој било друг поранешен бразилски функционер да најде засолниште во САД за да ја избегне правдата за секое можно злосторство извршено додека беше на функцијата”, се вели во отвореното писмо упатено до американскиот претседател.
Тие, исто така, ја повикуваат американската Влада „целосно да соработува со истрагата на бразилската, доколку тоа се бара од САД” и да го потврди правниот статус на Болсонаро, кој пристигна на американска територија како претседател.
Пратениците го повикаа Министерството за правда да ја разлега можноста за „поддршка или финансирање” од САД на истрагата за настаните на 8 јануари во Бразилија, кога приврзаниците на екстремната десница упаднаа во државни институции.
Аналитичарите сметаат дека мерките предложени во документот претставуваат неуставен заговор за мешање во изборите.