More

    Откако се замрзна цената на 95 денари за килограм, гравот го снема од повеќето маркети

    spot_img

    Откако се замрзна цената на 95 денари за килограм, гравот го снема од повеќето маркети. Граѓаните се жалат дека освен грав како готов производ – во конзерва во маркетите не можат да најдат друг, а на пазарите она што се нуди е далеку поскапо од замрзнатата цена.

    – Грав нема ниту за лек во ниеден од маркетите или во маалските продавници. Цената треба да биде 95 денари килограм и го снема. Она што го имаше е потрошено и нема нови набавки – ни велат трговците. Но, затоа пак конзервиран грав или како готово јадење во конзерва го има. За таков производ од 400 грама треба да платам од 102 денари до 165 денари, ако во него има и месо. Но, не сме навикнати да јадеме грав од конзерва. Сакам самата да си го сварам. Порано имаше увозен поевтин, но и тетовски и штипски поскап, а сега нема никаков. Може да се најде само на Зелено пазарче, ама и таму не може да се купи по цена од 95 денари. Се продава многу поскапо. Тетовскиот е по цена од 360 денари, а малку поевтино е ако е од увоз. Цената се кажува кога ќе прашаш, зашто на вреќите веќе нема цена бидејќи пазарџиите се плашат од инспекторите. Се прашувам зошто владата ја замрзна цената – вели жителка на Ѓорче Петров.

    Таа додава дека моментално грав може да се купи во продавници за органска храна каде што цената му е од 105 до 250 денари за 250 грама.

    Друга повозрасна граѓанка вели дека од лани се вратила на традицијата да купува грав во септември и во октомври од познати производители.

    – И така е скапо, ама барем нема да трчаш по продавници и да бараш каков било, а на пазар да ти кажуваат цена каква што ќе посакаат – вели таа.

    Претставниците на домашните синџири на маркети и трговци со прехранбени производи на мало денеска излегоа со соопштение во кое велат дека не треба да бидат казнувани бидејќи немаат доволни количини на одделни видови зеленчук и овошје на полиците бидејќи не им се дистрибуираат.

    „Претставниците на синџирите на маркети, со најдобра намера за да им излезат во пресрет на своите потрошувачи, а истовремено и за да ги исполнат одлуките на Владата, не се во можност да продаваат производи доколку добавувачот не им ги дистрибуира. Оттука, трговците на мало со прехранбени производи упатуваат апел до сите надлежни институции да не ги оптоваруваат компаниите со казнени мерки кои ќе имаат финансиски последици врз нив во овие тешки моменти за стопанството“, се наведува во соопштението.

    Пазарџиите, исто така, се жалат дека не можат да го продаваат производот кој го набавуваат на пазарите на големо за многу повисока цена од онаа што ја утврдила Владата. Тие велат дека последниот месец просечната набавна цена за гравот им била околу 165 денари.

    – Одете на кванташки да купите грав. Таму последниот месец имаше цена од 140 денари. Ако одиш до Струмица да го набавиш ќе те чини 90 денари. Нашите трошоци, и заработката треба да ги вкалкулираме во 5 денари или да продаваме со загуба од 50 денари. Тука ни влегува нашата плата, трошоците за превоз, закупот на тезга, горивата и сѐ во тие 5 денари. Не е можно тоа. Подобро да не продавам грав отколку да трпам загуба – вели пазарџија.

    Дистрибутерите, пак, велат дека го сопреле увозот на гравот бидејќи со продажбата на увезеното во старт се во загуба, а казните ако го продаваат поскапо се високи.

    Според официјалните податоци од Земјоделскиот информативен систем (ЗИС) на Министерството за земјоделство за цените на пазарите на големо, во април гравот на кванташки пазар се продавал за 140 денари, а на струмичкиот кванташки пазар цената му изнесувала 90 денари за килограм. Просечната цена до април годинава изнесувала 123,3 денари за килограм.

    На зелените пазари, според податоците на Системот цената на гравот варира од град во град. Најскап е во Тетово каде што се продава по цена од 260 денари, а најевтин на струмичкиот зелен пазар каде што цената му е 120 денари за килограм. Просечната цена на гравот на зелените пазари во април изнесувала 165 денари за килограм.

    Владата во почетокот на април прво ја замрзна цената на гравот на 75 денари за килограм, па потоа ја коригира на 95 денари. Мерката е продолжена и по нејзиниот последен рок 30 април и сега ќе важи до крајот на мај.

    Во земјава годишно се сади грав на 8.000 хектари, а просечно по хектар се добиваат 2 тони. Тоа значи дека годишното производство на грав изнесува 16.000 тони.

    Статистиката, пак, покажува дека само во Тетовско годишно се садат по 5.000 хектари, а се произведуваат од 7.000 до 9.000 тони грав.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img