Претставниците на десетина мали островски држави и на најмалку развиените земји денеска го напуштија консултативното заседание на климатската конференција на ОН во Баку, Азербејџан (КОП29), во знак на протест против финансискиот договор што се подготвува, пренесоа светските агенции. Тие го отфрлија нацрт-договорот за пари што треба да им помогнат да се справат со климатските промени.
По две недели напната дипломатија, повеќе од 190 земји собрани во Баку сè уште се обидуваат да договорат нова финансиска спогодба за насочување пари кон посиромашните земји, за да се прилагодат на климатските промени.
Најмалку развиените земји како Мозамбик и островските држави како Самоа се бесни што нивните повици се игнорирани. Самоанскиот министер за природни ресурси и животна средина, Седрик Шустер е еден од претставниците кои ја напуштија дебатата.
„Тука сме да преговараме, но заминавме. Во моментов чувствуваме дека таму не нè слушаат“, рече тој во име на повеќе од 40 мали островски држави и земји во развој, чии брегови исчезнуваат поради порастот на нивото на морето.
Тој се закани дека целосно ќе излезе од КОП29.
„Ние не сакаме ништо повеќе од продолжување на ангажманот, но процесот мора да биде инклузивен. Ако тоа не може да биде случај, за нас станува многу тешко да продолжиме со нашиот ангажман овде на КОП29“.
Преговарачи од богатите и сиромашните земји денеска се собраа во една просторија на подолги разговори за климата од очекуваните, под покровителство на Обединетите Нации. Клучното прашање е договорот за финансиски средства чија цел е да им се помогне на земјите во развој да се прилагодат на климатските промени.
Според првичните информации, нацрт-предлогот бил категорично отфрлен, особено од африканските земји и малите островски држави.
„Сегашниот договор за нас е неприфатлив. Треба да разговараме со другите земји во развој и да одлучиме што да правиме“, рече Еванс Ниева, претседател на групата на најмалку развиени земји.
Во последниот официјален нацрт, до 2035 година беа предвидени 250 милијарди долари годишно. Ова е двојно повеќе од договорената сума пред 15 години. Но, не е ни блиску до годишните 1,3 трилион долари, за што се залагаат експертите за клима. Групата од 77 земји во развој кои преговараат како блок не сакаат да прифатат нешто помалку од 500 милијарди долари.
Земјите во развој се лути не само поради преговорите за финансирање, туку и поради неуспехот да се постигне напредок во минатогодишниот договор за оддалечување од фосилните горива.