Уставните измени бea македонска инцијатива, односно наш начин за да излеземе од историско-идентитетската група спорни прашања со Бугарија – изјави шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во интервју за порталот „Фронтлајн“.
Тој објаснува дека во односите со Бугарија имало две траектории: историско-идентитетската дебата и прашањето на малцинските и човековите права на бугарското заедница во РСМ. Според Османи, РСМ ја одбила историско-идентитетската дебата, а со иницирање на уставни измени свесно го поместила тежиштето на процесот во поле кое што нам ни одговара.
– Иако имаше обид целиот фокус во дискурсот со Бугарија да се стави на овој историски и идентитетски корпус на прашање, ние успеавме – не само да направиме такво поместување, туку и да ја убедиме Европската унија дека целиот дискурс со Бугарија ќе се става низ призмата на малцинските и човековите права. Уставните измени се парадигма на тие малцински и човекови права. Уставните измени беа наш начин како да излеземе од оваа историско-идентитетска група на спорни прашања со Република Бугарија. И доколку не ги направиме уставните измени, кои беа на наша иницијатива, ние тогаш оставаме простор повторно дискурсот да се врати на претходните прашања и тоа не е наш интерес – вели Османи.