Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи синоќа информира дека премиерот Димитар Ковачевски нема да замине во Киев заедно со црногорскиот и албанскиот премиер, Дритан Абазовиќ и Еди Рама, поради одржувањето на Преспа форум дијалогот.
– Многу е важно е премиерот да биде тука за време на форумот. Доаѓаат многу гости од Европа и светот, ние сме организатори на овој настан, ќе бидат и сите регионални лидери. Премиерот Ковачевски како домаќин е многу значајно да биде тука за време на одржување на форумот – рече Османи.
Според него, „разочарувачки се последните анкети во врска со јавното мислење во земјава во врска со руската агресија во Украина“.
– Разочарувачки е бројот на граѓаните кои имаат проруски ставови. Разочарувачки е и порастот на евроскептицизмот и мислам дека голем дел од ова се должи на фрустрацијата од неотпочнување на преговорите со ЕУ. Исто така ова се случува и поради надворешните влијанија, а тука е на пример и партијата Левица која има отворени про-руски ставови, партија чии претставници имаше и на парадата на Путин. Оваа партија може во иднина да биде сериозен проблем доколку треба да одлучува за нешто – рече Османи во емисијата „Клик плус“.
Османи рече дека и натаму немаме никаков договор со Бугарија, ниту пишан, ниту усмен.
– За секој проблем постојат решенија и токму за тие дискутираме. Но, некои од решенијата не ја добиле потребната потврда, затоа моментално немаме никаков договор со Бугарија, ниту потпишан ниту усмен. Но, мислам дека има сè уште надеж, има политичка клима за ова да се случи, доста работевме на ова и мислам дека во добар правец. Сите политички фактори во земјава сме на истата страна. На пример вчеравечер до рано изутрината преговаравме и разговаравме со бугарската страна и за тоа ги информирав и премиерот и претседателот на државата, сте сме на иста линија – изјави Османи.