Унгарскиот премиер Виктор Орбан уште еднаш го поддржа рускиот претседател Владимир Путин.
Во големото интервју за германски Билд, на прашањето дали Путин е воен злосторник, Орбан одговори: „За мене тој не е“.
„Ние сме во војна. Можеме да зборуваме за воени злосторства по војната. Ако сакате примирје и преговори, треба да ги убедите завојуваните страни да седнат на маса. Да им кажеш да дојдат на маса и дека ќе ги уапсиш не е добра идеја“, го појасни својот став Орбан.
Премиерот на Унгарија се осврна и на бунтот во Русија што го започна Евгениј Пригожин, наведувајќи дека тие настани не го ослабнале Путин бидејќи бунтот бил брзо задушен, пренесува N1 Загреб.
„Кога (бунтот) ќе се потисне во рок од 24 часа, тоа е знак на сила“, додаде Орбан, кој смета дека Русија не е ослабена од овие настани.
Тој додаде дека Русија работи поинаку од европските земји.
„Путин е стабилен, тој е избран лидер на Русија, тој е популарен и структурите зад него се доста силни“, изјави Орбан, кој верува дека Путин и следната година ќе биде на власт во Русија.