Унгарскиот премиер Виктор Орбан го спореди проектот за обединување на Европската Унија со стремежот на Адолф Хитлер за светска доминација, јави ДПА.
– Уште од крајот на Римската империја, се прават напори за повторно воспоставување на истата територија. Византија, Карло Велики, германскиот император Ото, Наполеон и Хитлер – сите сонуваа, секој на свој начин, за европско единство – изјави десничарскиот лидер во унгарскиот град Веспрем.
Според него, ситуацијата денес не е поинаква.
– Независното постоење на нациите и идејата за империја, национални култури и европски вредности, суверенитет и, како што беше изразено во Брисел, уште поблиска унија, се присутни истовремено – додаде унгарскиот лидер.
Унгарија се приклучи на ЕУ во 2004 година. Орбан, кој е на власт од 2014 година на начин што се приближува кон авторитаризмот, како што пишува ДПА, постојано се спротивставува на обврските што произлегуваат од членството во ЕУ.
„Овој човек е болен“, напиша на Фејсбук лидерот на унгарската опозиција Ференц Дурчани за споредбата на Орбан.
Спомнувањето на Хитлер заедно со европската идеја е „болна, одвратна мисла“, додаде Дурчани.