Општина Струга бара од полицијата да ги пронајде вандалите

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Општина Струга го осуди вандалскиот чин за крадење на бистата на поетот Славко Јаневски од алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим.

„Општина Струга остро реагира на овој злонамерен чин и ги повикуваме надлежните органи да преземат мерки за пронаоѓање на бистата, но и на сторителите на вандалското однесување. Воедно, апелираме и до стружани доколку имаат некаква информација да пријават во општината или во Полициската станица во Струга“, се вели во реакцијата на Општина Струга.

Струга, како што е наведено, е мултиетнички, мултикултурен и мултирелигиски град, а кохезијата што владее меѓу сите граѓани, без разлики, е уникатен пример за тоа како граѓаните содејствуваат и живеат заедно, на високо ниво на толеранција и разбирање во многу сфери од секојдневниот живот.

„Затоа, најостро го осудуваме ова дејствие и ќе преземеме мерки за што поскоро решавање на овој проблем и нема да дозволиме да постанеме жртви на вакви провокации за уништување на меѓуетничките односи во Струга“, додаваат од Општината.

СВР Охрид соопшти дека вчера во 14 часот и 40 минути во ОВР Струга било пријавено дека во периодот од 12 април до 12 часот на 19 истиот месец, била одземена биста на Славко Јаневски. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

Претходно Националната установа „Струшки вечери на поезијата“ информираше дека вчера при вообичаена проверка забележале дека ја нема бистата на македонскиот поет Јаневски, додека на Ацо Шопов и Сергеј Есенин биле расклатени во обид да се откорнат од постаментите. Институцијата го осуди чинот на вандализам и побара од полицијата пронаоѓање на сторителите, а до граѓаните апелираше да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата.

Share This Article