Над милион луѓе вчера учествуваа на протестите во Франција против плановите за реформа на пензискиот систем, соопшти француското МВР.
Во Париз на протестите учествуваа 80.000 луѓе, објави Ројтерс.
За време на протестот во главниот град на Франција дојде до жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите.
Сликите и видеата од насилство од улиците на Париз ги преплавија социјалните мрежи.
Додека се одлучува за програмата за пензиски реформи предложена од францускиот претседател Емануел Макрон, синдикатите организираат масовни штрајкови и протести поради плановите да се зголеми старосната граница за пензионирање за две години од 62 на 64 години.
Сообраќајот во Франција е прекинат, а училиштата и другите јавни институции се затворени, додека секој петти лет е откажан на аеродромот Орли во Париз.
Францускиот синдикат „CFDT“ повика на нови штрајкови и протести на 31 јануари против плановите на владата за реформа на пензискиот систем.