Германскиот канцелар Олаф Шолц ја обвини Русија за „еклатантен империјализам” во говорот пред Генералното собрание на Обединетите нации, ветувајќи и на Украина дополнителна воена поддршка.
– Путин ќе се откаже од својата војна и од своите империјални амбиции само ако сфати дека не може да победи – рече Шолц, додавајќи дека „тој не само што ја уништува Украина, туку ја уништува и сопствената земја”.
Шолц рече дека нема да биде прифатен „диктиран мир” и оти Украина мора дополнително да се вооружи за да ја одбие руската инвазија.
– Ние ја поддржуваме Украина со сите сили: финансиски, економски, добротворни и исто така со оружје нагласи тој.
Непосредно пред канцеларот да замине од Германија за Њујорк, владата во Берлин вети дополнителни испораки на оружје од резервите на Бундесверот, вклучувајќи уште четири самоодни хаубици.
Германскиот канцелар рече дека акциите на Русија во Украина не се само катастрофа за Европа, туку и за глобалниот поредок и светскиот мир.
– Затоа беше толку важно што 141 држава недвосмислено ја осудија руската инвазија овде во оваа просторија – рече Шолц, мислејќи на гласањето во ОН во март по нападот на Русија врз нејзиниот сосед.