Околу 700 камиони чекаат на паркинзите од Краљево до Јариње поради блокадата на административните премини, јави Радио телевизија на Србија.
Камионџиите ја повикуваат Приштина да им дозволи минување и велат дека не ги интересира политика, ниту какви таблички има на камионите, додека состојбата на премините се влошува.
Возачи на камиони со српски регистарски таблички ги блокираа сите административни премини поради одлуката на властите во Приштина да забранат влез на Косово, која беше донесена пред една недела откако српската полиција уапси тројца албански полицајци.
Возачите протестираат затоа што не можат да влезат на Косово и Метохија, додека им се расипува робата и изминуваат роковите за испорака и имаат милионски штети.
Властите во Приштина им препорачаа на своите граѓани да ги користат премините низ Северна Македонија.
Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак изјави дека е многу загрижен за ситуацијата на северот на Косово и Метохија, дека овој момент е важен и критичен и дека е неопходна деескалација.
„Косовското прашање мора да се реши до крајот на годината, бидејќи во 2024 година Косово нема да биде во центарот на вниманието“, рече Лајчак.
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека кризата во северно Косово има потенцијал да прерасне во меѓународен и регионален конфликт и дека САД целосно ги поддржуваат напорите на ЕУ за решавање на кризата.
Ескобар рече дека тројцата уапсени косовски полицајци треба веднаш да бидат ослободени.
Премиерот на приштинските привремени институции Аљбин Курти изјави дека тројцата уапсени косовски полицајци биле киднапирани и дека „Србија извршила агресија на 14 јуни“.