Синоќа на граничниот премин „Меѓународен аеродром-Скопје“, откако му бил одбиен влезот во државата, полициски службеници од Оддел за криминалистичка полиција го лишиле од слобода Д.С.А.Д.(34) од Бразил, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
„При претресот во кој е употребено и службено куче од мобилен тим од Царинската управа, во еден од двата куфера на Д.С.А.Д. биле пронајдени 2 килограма кокаин. Извршен е службен разговор со Д.С.А.Д., кој признал дека бил ангажиран од македонски државјанин за надомест од 5.000 евра да го изврши транспортот на дрогата од Сао Паоло до Скопје“, соопшти денеска МВР.
Оттаму посочуваат дека врз основа на прибрани сознанија за лица инволвирани во транспортот на дрогата бил извршен претрес во Охрид кај браќата Ќ.Н.(36) и Х.Н. (28), кои по претресот се лишени од слобода.
„Од страна на полициски службеници од ОВР Струга се извршени претреси на две локации, кај С.К. (36), за кого е распишан и распис за приведување. Од страна на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска ќе биде поднесена кривична пријава против 4 лица инволвирани во организирањето и вршење на транспорт на 2 килограма кокаин“, се наведува во соопштението на МВР.