Oд денеска до 31-ви август 2024 година во Охрид ќе се одржува второто издание на Ohrid Water Festival кој вклучува 20 спортски настани на вода и богата социјално-едукативна програма.
Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека е задоволен што Ohrid Water Festival станува најзначајна манифестација за промоција на водените спортови на Охридското Езеро и потенцијалите кои ги има Охрид за развој на спортски туризам.
– Горди сме што концептот кој беше успешно реализиран минатото лето прераснува во една платформа за промоција на нашата природна убавина и спортска традиција и ни ја отвори вратата кон нови спортски авантури.
Сите напори и целиот труд околу подготовка на програмата ја потврдуваат заедничката посветеност и ја покажуваат големата љубов кон водените спортови. Нашето езеро, со своите кристално чисти води и уникатни пејзажи ќе прерасне во арена за 20 возбудливи спортски настани. Секој од нив ќе биде уникатно доживување кое ќе ги исполни очекувањата на публиката.
Покрај сите традиционални натпревари и активности на вода, круна на целата манифестација и годинава ќе биде Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржува на 31-ви август.
Како пропратен дел на спортските настани, предвидени се и богати социјално-едукативни содржини со низа интересни и забавни активности, кои ќе се одвиваат на платото пред хотелот „Палас“. Целта е да се создаде атмосфера која ќе го привлече вниманието на секој посетител и ќе ги поттикне сите генерации да уживаат во оваа манифестација.
Сакам да изразам јавна благодарност до сите клубови за водени спортови и секако на организациониот одбор на фестивалот, кои и оваа година дадоа максимален ангажман. Вашата посветеност и труд во подготовките и целокупната логистика се доказ дека Охрид има капацитет, кретивност и секако храброст да организира вакви големи настани.
Светската легенда во водени спортови, Мајкл Фелпс рекол: „Никогаш не го губете фокусот и секогаш верувајте во вашиот потенцијал.“ Посакувам оваа инспиративна мисла да биде наша водилка за уште поуспешни изданија во иднина.
Ги поканувам сите љубители на спортот и добрата забава да бидат дел од Ohrid Water Festival и да бидат наши гости во текот на наредните осум дена, истакна Пецаков во своето обраќање пред медиумите на денешната прес-конференција.
Според најавите, охриѓани и гостите ќе имаат можност да проследат регати во кајак, веслање, трки во пливање на базен и на отворено. Охрид ќе биде домаќин на Балкански Јуниорски куп во пливање и „Европски Меч Рејс куп“. Планирано е одржување на Суп трки, ватерполо на отворено и Акватлон. Ќе се одржат и многу интересни настани во кои ќе биде опфатена најмладата популација како што се нуркање, игри во вода, трки со педалинки и табланет под вода.
– Покрај спортскиот дел, во рамки на социјално-едукативниот клубовите ќе презентираат опрема и ќе делуваат едукативно, а ќе имаат и свои изложби на фотографија од подводниот свет во Охридското Езеро. Кога се работи за заштита на езерото ја продолжуваме соработката со Хидробиолошки завод Охрид кој ќе има свој отворен ден за посетители во рамките на фестивалот. Воспоставивме соработка и со други невладини организации од странство кои ќе се присутни во Охрид за време на фестивалот, објасни Јоне Станкоски, раководител на Одделението за спорт и млади при Општина Охрид.
Забавниот дел на фестивалот ќе стартува на 27-ми август со коцерт на Емилија Колоска и BALTER. На 28-ми август за музичкиот дел од програмата ќе бидат задолжени DJ Chvare & DJ Goce Saf, а на 29-ти август предвиден е концерт на учесници од детскиот фестивал „Златно Славејче“, како и настап на учениците од ОМУ „Методи Патче“ со музичкиот проект DISNEY. Истата вечер ќе се одржи и пригодна свеченост за промоција на пливачите учесници на „Охридскиот пливачки маратон 2024 година“. Во рамки на музичкиот дел од програмата на 30-ти август ќе настапат Наум Петрески, Милован Секулоски и група „Сарај“. На 31-ви август, на денот кога е предвидено одржувањето на „Охридскиот пливачки маратон“ за забавниот дел ќе биде задолжена групата „Суперхикс“ која ќе одржи концерт во 21 часот.
Ohrid Water Festival се организира под покровителство на Oпштина Охрид и е поддржан од неколку општествено одговорни компании.
Повеќе детали за настаните во текот на фестивалските денови може да се прочитаат на www.ohridwaterfestival.mk