Охрид бележи една од подобрите туристички сезони, со пораст од 20% во однос на ланската сезона, но и со повисоки цени на сместувањето и на угостителските услуги

Lorita
By Lorita 7 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Охрид бележи една од подобрите туристички сезони, со пораст од 20% во однос на ланската сезона, но и со повисоки цени на сместувањето и на угостителските услуги. Хотелите се преполни, иако веќе е постигнат пикот на сезоната, а има и најавени гости до крајот на август и за септември, па и за октомври. Со мали отстапки, со по една до 4 празни соби во хотелите или вилите за сместување, ретко може да се резервира соба до септември.

– Го постигнавме врвот на сезоната и полека сега ќе се намалуваат гостите. иако хотелите сè уште се преполни. Сезонава веќе завршува за странците и за нашинците кои работат во странство, а се намалуваат и домашните гости, поради подготовките за учебната година. Но, имаме најавени гости до крајот на август и за септември. Тоа се странски групи и гости од кружните тури, но големите метежи полека стивнуваат. Имаме добра сезона која по двете години корона, лани забележа раздвижување, а годинава може да се рече дека е рекордна – вели претседателот на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ), Крсто Блажески.

И туристичките агенции кои работат дојдовен туризам годинава се задоволни од зголемениот интерес за Охрид.

– За разлика од претходните години, годинава очекуваме да се приближиме и да ја надминеме 2019 година. Во моментов во Охрид престојуваат голем број странци. Ние сега носиме туристи од Полска, кои доаѓаат во групи, организирано, со авионски превоз. Имаме два лета неделно. Полјаците ќе доаѓаат до крајот на септември и во почетокот на октомври. Последниот лет е на крајот на септември. Покрај Полјаците, во септември и октомври доаѓаат и тури од Данска и Норвешка, во групи од 30 до 40 луѓе. Тоа говори дека туристичката сезона во Охрид продолжува со несмален интензитет. Кога говориме за странските туристи, радува и фактот што српските туристи се враќаат во Охрид. Тие патуваат индивидуално, но добро е што се во голем број – вели Олег Маленко од агенцијата „Вис-пој“.

Тој очекува бројот на странски туристи наредната година да биде уште поголем, но забележува дека сместувачките капацитети во Охрид се ограничени.

-Не се инвестира во нови хотели, не само поради фактот што градот е ограничен во урбанизмот поради УНЕСКО, туку и поради тоа што закрепнувањето од коронакризата оди бавно. Знаете, странските туристи бараат да се задоволат одделни критериуми на хотелското сместување, а тоа во Охрид е ограничено – додава Маленко.

Кога се во прашање туристите, тие, главно домашните кои престојуваат оваа сезона во Охрид, велат дека сѐ е поскапено во однос на ланската сезона, почнувајќи од престојот, храната и пијалаците.

– Сѐ е поскапено во однос на лани, но зависи и од тоа каде ќе седнеш да јадеш или да пиеш. Ако си покрај езеро, тогаш плаќаш и повеќе, на пооддалечените места е поевтино. На пример, еспресо во градот може да се пие и за 60 денари, но за истата услуга може да ви наплатат и 150 денари. Цената на пивото исто така многу варира, од 90 денари до 200 денари за половина литар. Чорба може да се јаде и за 160 денари во некои од рестораните подалеку од центарот, но за истото јадење може да треба да платите и 360 денари. Изнајмувањето на лежалки на плажите е со иста цена како и лани, од 150 до 200 денари. Целодневен билет за паркинг на познатите плажи надвор од Охрид е 200 денари – вели Александра од Скопје.

Хотелиерите признаваат цените се повисоки од лани, но велат дека тоа е глобален проблем, не само на Охрид.

- Advertisement -
Ad image

– И кај нас поскапувањата се неминовни, бидејќи се повисоки и нашите трошоци за набавка на храна, пијалаци, за вработените и за другите фактори кои учествуваат во формирањето на цената. Поскапувања има кај набавната цена на пијалаците. Плаќаме и за ЗАМП, нови давачки кон општината, ред други парафискални издатоци. Најмногу поскапување имаме кај работната сила, со зголемени давачки особено за вработените во недела и за празниците, кога се плаќа двојна дневница. Сето тоа влијае и врз конечната цена на услугите. Хотелското сместување, зависно од видот, староста и другите карактеристики на хотелите, е поскапо за 10 до 30%, но повторно ние сме далеку поевтини од опкружувањето – појаснува Блажески.

Дека до крајот на август е тешко да се најде сместување или празна соба во Охрид говори и прегледот на агенциите кои се занимаваат со резервации. Дел од хотелите имаат по најмногу 4 празни соби, а кај некои може да се резервира само за септември. Иста е состојбата и со вилите и кај граѓаните кои нудат собите за сместување.

 

- Advertisement -
Ad image

А што вели статистиката?

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во јуни 2023 година изнесува 110.319, од кои 23,5% се домашни туристи, а 76,5% се странски туристи. Бројот на ноќевањата во јуни 2023 година изнесува 225.092, од кои 30,6% се од домашните туристи, а 69,4% од странските туристи. Во периодот јануари – јуни 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 30,1%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 2,8%, а кај странските има зголемување за 46,8%. Бројот на ноќевањата, пак, за истиот период е зголемен за 18,8%, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 1,2%, а кај странските има зголемување за 32,9%.

Од 110. 319 туристи регистрирани во првата половина од годината 46.747 престојувале покрај езерата, а дури 99.244 биле сместени во хотели од различна категорија.

Share This Article