„Сè поголем број“ на непознати објекти на небото во последните 20 години, изјави претставник на Пентагон пред американските пратеници во вторникот, но не го потврди постоењето на живот надвор од Земјата.
За прв пат по повеќе од 50 години, Конгресот на САД одржа јавна расправа за „неидентификувани феномени во воздухот“.
„Од почетокот на 2000-тите, забележавме зголемен број неидентификувани предмети“, рече Скот Бреј, заменик-директор за разузнавање на американската морнарица.
Службеникот го припиша зголемувањето на „значајните напори“ на американската војска да го „демистифицира чинот на известување за набљудувањата“ и технолошкиот напредок.
Сепак, тој истакна дека не открил ништо „што би укажало дека овие феномени потекнуваат надвор од Земјата“. Но, тој не ја исклучи таквата можност.
Во јуни 2021 година, американската разузнавачка служба во долгоочекуваниот извештај изјави дека нема докази за постоење на вонземјани, но сепак, признавајќи дека десетици феномени забележани од воени пилоти не може да се толкуваат.
Некои може да се објаснат со присуството на дронови или птици кои ги збунуваат американските воени радарски системи. Други може да се припишат на тестирањето на воената опрема и технологија спроведено од други сили како Кина и Русија.
Војската и разузнавачката служба на САД сакаат, пред сè, да утврдат дали овие „неидентификувани воздушни феномени“ може да се поврзат со заканата за Соединетите држави.
„Неидентификуваните феномени во воздухот можат да бидат закана за националната безбедност“, предупредува демократот Андре Карсон, претседател на парламентарната комисија која го организираше сослушувањето. „И ние мораме да им пристапиме како такви.