Во центарот на Атина, во близина на зградата на Министерството за труд, синоќа експлодирала бомба и предизвикала штета на зградата, но нема повредени, пренесува Катимерини.
Полицијата и пожарникарите ја обезбедија областа откако уредот беше активиран во 01:29 часот по локално време, а антитерористичката единица ја истражува експлозијата.
Непознато лице 40 минути претходно во име на Револуционерната класа самоодбрана, засега непозната организација, испратило предупредување до весникот „Ефимерида тон синтактон“ дека во близина на министерството е поставена експлозивна направа.
Државниот радиодифузен сервис ЕРТ објави дека експлозивна направа била поставена во торба на ограда пред зградата на банката во близина на министерството.