„Министерството за внатрешни работ и оваа година ја продолжува убавата традиција започната минатите години – Денот на полицијата да се одбележува заедно со граѓаните согласно мотото Полицијата во служба на граѓаните, па така по официјалниот дел следуваше забавен дел со голем број популарни изведувачи и презентација на опрема на разни полициски единици и дружење на граѓаните со полицијата“ – информираа од МВР.
Тошковски истакна дека полициската служба, односно беспрекорното извршување на нејзините надлежности и задачи е суштествено за секоја држава која претендира да биде сигурна, стабилна и просперитетна.
– Ние денес живееме во време кое што од нас бара да бидеме вистински и доследни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој наш граѓанин. Тоа е огромен мотив, што не попусто го нагласувам на овој величествен празник на припадниците на Министерството за внатрешни работи – истакна Тошковски, додавајќи дека сега е време кога не е прашање дали полицијата треба да биде на висина на задачите туку како, кога и колку ќе биде ефикасна во остварување на сите задачи, време кога заветите и заклетвите мора да се испочитуваат до крај – професионално, посветено, исполнително.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев хронолошки се осврна на изминатите 7 години на Министерството за внатрешни работи во кои се случија многу фази и реформи во сите сфери на полициското работење.
-Беше вложена убава енергија, труд, знаење, посветеност, техничко-технолошка, кадровска, структурална и организациска надградба на капацитетите на МВР. Сево ова го направивме како во насока на континуирано следење на трендовите во полициското работење, така и во насока на максимална ефективност и ефикасност во функционирањето на сложениот безбедносен систем. Современото демократско општество постојано е подложно на динамични, континуирани промени и прилагодувања, во обид да биде во чекор со современите текови. Така и полициската професија секојдневно е соочена со безброј предизвици, кои се трансформираат, надградуваат, соочувајќи не со потребата од нови и креативни решенија – истакна Бојмацалиев.
Дополнителниот заменик министер потсети дека Македонија е прогласена за најбезбедна земја на Западен Балкан од страна на Глобалниот индекс за мир, бидејќи се вложуваше во развојот на модерен европски полициски службеник, вложени се 17 милиони евра во подобри услови за работа со реконструкција на 82 полициски објекти низ државата, 14 милиони евра за нови униформи и опрема, покачена платата за 35% и исплатени сите бонус плати на вработените.
– Секој сегмент од полициското работење изминативе години беше унапреден, благодарение на вашиот труд, посветеност и професионализам. Без вас напредокот ќе беше само мислена именка. Ви благодарам од се’ срце, за сите убави моменти од 2017 година, па се до денес. Со гордост можам да кажам дека успеавме МВР да биде МВР за граѓаните. Уверен сум дека создадовме одлични услови за македонската полиција да остане непоколеблив бедем во заштитата и спроведувањето на законите и гарант на личната и имотната сигурност на граѓаните – рече Бојмацалиев.
По воведните обраќања, од страна на раководството на МВР беа доделени благодарници и признанија на најдобрите полициски службеници од различни полициски организациони единици за промоција на професионализмот и реализирани оперативни активности.
Свечената церемонија по повод одбележување на 7 Мај – Денот на македонската полиција, беше збогатена и со културна-уметничка програма со настап на познати македонски изведувачи.
Претходно, во текот на денот, во чест на загинатите припадници на МВР, беше положено свежо цвеќе на повеќе локации: споменикот на загинатите припадници на МВР во кругот на МВР, споменикот на загинатите колеги во хеликоптерската несреќа во Базата „Брест”, споменикот на загинатите припадници од Единицата за брзо распоредување во касарната Ѓорче Петров, споменикот на загинатите припадници од Специјалната антитерористичка единица „Тигар” во касарна Илинден, како и споменикот на загинатите бранители во паркот „Жена борец”.