Нервозата кај демаскираниот Талат Џафери расте, со затворањето на пратениците тој стори кривично дело за кое се лежи затвор. Вчера Талат Џафери противправно ја лиши целата пратеничка група од слобода и го спречи нивното слободно движење, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Џафери ги затвори вратите во Собранието и практично ги држеше пратениците како заложници. Тој со ова свое дејствие стори кривично дело од чл. 140 ст.3 и 4 од КЗ, од кои ст.3 гласи дека и обидот се казнува. Додека ст.4 вели дека ако противправното лишување од слобода го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, се вели во партиското соопштение..
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ова е трета тешка злоупотреба на позицијата од страна на Талат Џафери.
„Дали Ковачевски и ова ќе го изрелативизира, па ќе слушаме изговори од типот – „вратите сами се заклучија“. Останувањето на Ковачевски на власт по секоја цена како што тоа го прави сега со неприфаќање на предвремени парламентарни избори, ќе им дава право на Талат Џафери и на ДУИ уште повеќе да ги кршат законите и да не одговараат, зошто само од нивната добра волја опстојува владата“, се додава во соопштението.