Децата коишто имаат примено три дози од вакцината Ди-Те-Пер против пертусис и кои имаат закажано ревакцини во наредните шест месеци, од понеделник ќе може да одат во градинка, рече директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Рената Младеновска.
Како што посочи Младеновска на денешната прес-конференција, во текот на денешниот ден Инспекторатот би требало да ја добие официјалната одлука од Министерството за здравство за дечињата од понеделник да може да посетуваат градинка.
Младеновска истакна дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат оваа недела има извршено повеќе од 100 вонредни контроли и дека се задоволни од соработката со градинките.
– Ги посетивме државните и приватните градинки во текот на оваа недела. Ние сме задоволни од нивната соработка со нас и можеме да заклучиме дека ја почитуваат одлуката, а истата е доставена за да може да ги информираат родителите. Од контролите што ги имаме извршено, немаме констатирано недостатоци. Одговорните лица ги контролираат и ги ажурираат податоците за вакциналниот статус на децата. Задоволни сме од соработката и од тоа како се спроведуваат нашите надзори – рече директорката на ДСЗИ.
Комисијата за заразни болести препорача децата што имаат примено три дози против пертусис односно голема кашлица, да може да се вратат во градинките под услов ревакцината да им е закажана за наредните шест месеци. Задолжително е да се прими и ревакцината, апелираа од Комитетот за имунизација.
– Имавме успешна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести и со министерот за здравство. Очекуваме во текот на денешниот ден да ни биде доставена одлуката и од понеделник да почнат да се примаат децата во градинките – рече Младеновска.
Согласно сите списоци што Државниот здравствен и санитарен инспекторат ги добива од вакциналните пунктови за деца кои се невакцинирани, нивните родители се повикувани и казнувани со парични казни. Тоа не го решава проблемот со нискиот опфат на вакцинација против пертусис со Ди-Те-Пер вакцината, затоа што родителите плаќаат, а децата остануваат невакцинирани.
– Градинките треба да имаат одговорно лице за проверка. Ќе излеземе од оваа ситуација, имаме одлична соработка. Ќе мора да ја решиме оваа состојба. Не е во ред да враќаме заразни болести, веќе сме 21 век. Децата од внатрешноста, имаат одговорни родители кои го почитуваат редовниот календар за имунизација. Проблемот е во Скопје. Епидемиите нѐ освестуваат дека треба да се вакцинираат сите деца – додаде Младеновска.
Одговарајќи на новинарско прашање таа рече дека согласно одлуките на Комисијата за заразни болести и одлуките на Министерството за здравство, Инспекторатот во иднина ќе постапува за вакцинацијата Ди-Те-Пер и МРП вакцините.